Германската канцеларка Ангела Меркел денеска го повтори своето противење на укинувањето на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцините против коронавирус и ги повика САД да го отворат „пазарот“ и да дозволат извоз на вакцини и нивните состојки.
„Се надевам дека сега кога голем дел од американското население е вакцинирано, можеме да имаме слободна размена на состојки и исто така отворање на пазарот на вакцини“, рече Меркел на крајот од неофицијалниот самит на европските лидери.
Меркел повтори дека е против укинување на заштитата на патентите за вакцините против коронавирус, како што предлага администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Германската канцеларка рече дека не смета дека тоа би било решение што ќе овозможи вакцините да бидат подостапни за поголем број луѓе.
„Мислам дека е потребна креативност и иновативност на компаниите, а тоа вклучува и патенти“, додаде Меркел.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја повика администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од ограничувањата за извоз на вакцини против Ковид-19 и компонентите за нивно производство.
Обраќајќи се на самитот на Европската унија во Португалија, тој рече дека богатите земји мора да го споделат својот капацитет за вакцини и на тој начин да им помогнат на помалку развиените земји.
Папата Франциск, пак, го поддржа одрекувањето од интелектуална сопственост над вакцините против коронавирус, со што го поддржа и предлогот на американскиот претседател Џо Бајден, на кој се спротивставуваат некои европски земји, вклучувајќи ја и Германија.