Германската канцеларка Ангела Меркел утре ќе допатува во Белград каде ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ, а во вторник во Тирана ја завршува европската турнеја, каде ќе има средба со премиерот Еди Рама. На средбата во Тирана ќе присуствуваат и шефовите на владите на Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина.

Африм Красниќи од Институтот за политички студии во Тирана за Бета изјави дека посетата на највлијателната германска политичарка е многу поважна за Западен Балкан во целина отколку за самата Албанија.

– Таа го обновува интересот и го враќа Западен Балкан како приоритет за Германија и ЕУ, особено по тенденцијата на ЕУ и САД, во последните години, да се повлечат од овој регион. Исто така, доаѓа како одговор на бранот критики и скептицизам во регионот кон стратегијата за проширување на ЕУ. Германија го поддржува отворањето на преговорите за ЕУ ​​со Албанија и Северна Македонија, а Меркел инвестираше во приближувањето на ставовите во рамки на ЕУ на тој план, рече Красниќи.

Политичкиот коментатор од Тирана, Бен Андони, за Бета изјави дека албанскиот премиер Еди Рама е еден од лидерите што се залагаше за одредени елементи на Берлинскиот процес.

– Тоа значи односи со Србија и Северна Македонија, регионален пазар, но и балканската железничка платформа … Но, Тирана е исто така добра можност да се најдат агли во триаголникот Србија-Косово-Албанија, а канцеларката Меркел игра внимателно, за иднината, рече Андони.

Красниќи, пак, посочува дека за Албанија, главната вредност на посетата на германската канцеларка е потврда за односите и напредокот што Албанија го направи, особено во судските реформи и обнова на политичкиот живот во институциите.

– Критичката реторика на премиерот Рама и неговите повластени врски со Турција беа забележани со загриженост во Германија, така што посетата ја враќа опцијата ЕУ како опција која нема алтернатива, оценува Красниќи.

Меркел ќе зборува и за „заедничкиот регионален пазар“ во Тирана. Сите земји од Западен Балкан се обврзаа дека ќе го спроведат на последната виртуелна конференција, со која таа претседаваше на 5 јули.

Берлинскиот процес, како иницијатива силно поддржана од канцеларката Меркел, започна во 2014 година и има за цел зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан во областа на економијата, транспортот и енергетиката.

Постигнат е одреден напредок во овој процес, како што е укинување на трошоците за роаминг од 1 јули за земјите во регионот, зелени транспортни коридори, размена на студенти преку Канцеларијата за  соработка на млади и посилно вклучување на граѓанскиот сектор во општеството, како и регионална соработка.

Но, се уште има недовршени проекти, како што се „меѓусебно признавање на дипломи и слободно движење со лични карти во регионот“, кои се двете главни точки од Акцискиот план за формирање заеднички регионален пазар усвоен во ноември минатата година во Софија.

Андони смета дека средбите на Ангела Меркел во Тирана ќе бидат симболични и ќе претставуваат „убаво збогување од канцеларската функција во Германија како локомотива на ЕУ“.