За да се избегне и намали метежот кои во изминатите денови се забележуваат во грчките супермаркети, грчката влада од утре воведува нови мерки, контроли на влезот, а во внатрешноста да има ограничување на бројот на муштерии, односно едно лице на десет метри квадратни, јави дописничката на МИА од Атина.
-Од понеделник ќе има контрола на влез. Сметаме дека ситуацијата ќе се врати во нормала оваа седмица. Во исто време, ќе ставиме и ограничување на бројот на луѓето што може да бидат во просторот, согласно со метрите квадратни на супермаркетите, рече заменик министерот за развој на Грција Никос Паптанасис, говорејќи за грчката телевизија „Open“ и додаде дека во редиците, не треба да има над пет лица.
Папатанасис им порача на граѓаните дека Храна постои, лекови постојат, а бензинските пумпи нема да затворат.
Објасни дека сега веќе им се дава можност на сите ресторани да работат и со достава (delivery), а тоа можат да го сторат и супермаркетите, па дури и во недела кога продавниците се затворени.
Паралелно, владата донесе одлука за уште неколку превентивни мерки, меѓу кои и: едно лице на 10 метри квадратни во супермаркетите; секоја продавница на влезот и излезот да има алкохолна течност за дезинфекција на рацете на потрошувачите, вработените да носат ракавици; растојание од два метра меѓу муштериите на касите; избегнување на употреба на готовина при купувањето.