Симболот на Барселона, Лео Меси бил на чекор од заминување пред точно 12 месеци. Весникот „Ел Мундо“ ги откри сите детали за понудата од Манчестер Сити кон него, која речиси успеала да го убеди да си замине од „Камп Ноу“.
Според изворите на весникот, поранешниот потпретседател на каталонскиот гигант Феран Соријано, кој сега работи во Манчестер, имал средби со таткото на фудбалерот Хорхе во текот на 11 месеци. Цело ова време тој подготвувал терен за преминувањето на неговиот син на „Етихад“.
Соријано ветил личен бонус од 50 милиони евра за Хорхе Меси, ако Лео потпише договор. А самиот фудбалер бил многу блиску до тоа да ги прифати личните услови предложени од Сити – петгодишен договор со годишна плата од 50 милиони евра по даноци.
Целата операција, ако се вклучат и обврските кон државната каса, требаше да ги чини 755 милиони евра на Сити. Во оваа сума се вклучува и тогашната цена на Меси, запишана во откупната клаузулата за раскинување на стариот договор – 250 милиони евра.
Според „Ел Мундо“, по категоричните првични отфрлањата на Аргентинецот да помине на Островот, еден настан во пракса го донел со една нога во Манчестер. Тоа беше кризата со референдумот за независност на Каталонија и безредијата по него.
На крајот Меси одлучил да остане во Барселона и да го одбие предлогот од „Етихад“, но со вклучување на задолжителна клаузула во новиот договор за раскинување, во случај Каталонија да се отцепи од Шпанија и клубот да заигра во некоја друга лига, различна од Примера. Ова во пракса стави и точка на шпекулациите и можноста легендата на клубот да го напушти тимот и тој се врза со Барса до 2021 година.