Екипата на Барселона не успеа да ја освои Лигата на шампионите во претходните три сезони, но сега Лионел Меси е амбициозен да ја поправи ситуацијата. За последен пат, „лос кулес“ го освои трофејот во пролетта 2015 година.
– Лигата на шампионите е најдобриот турнир. Ние ќе се потрудиме да го вратиме овој толку посакуван трофеј на „Камп Ноу“. ЛШ е нешто уникатно, најинтересниот турнир во кој некогаш сум играл. Ова е различно натпреварување, кое сите ние сакаме да го освоиме. Како што рековме на почетокот на сезоната, овој трофеј е посебен и ние ќе се обидеме да го освоиме, изјави Лео за каталонски „Спорт“.
Минатата сезона, „блаугранас“ изгубија во четврт-финалето, и покрај водството од 4:1 против Рома по првиот натпревар.
Меси изјави и дека Каталонците тешко ќе ја елиминираат Севиља во Купот на Шпанија.
Двата тима се соочуваат во четврфиналето на „Камп Ноу“ утре во 21:30 часот, а Андалузијците имаат удобно водство од 2:0 по натпреварот на „Рамон Санчез Писхуан“.
– Ќе биде тешко да се избрише негативата против одличен тим како Севиља, тие имаат одлични играчи кои се многу добри во контра напади. Имаме потреба од навивачите, рече Меси.
Минатата сезона двата тима играа финале на турнирот и Барса победи со 5:0 на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.
Покрај тоа, Каталонците се во серија од 9 последователни успеси над Севиља на „Камп Ноу“ на сите турнири.