Албанскиот претседател Илир Мета повторно изрази загриженост за опасноста од депопулацијата.
Осврнувајќи се на последните случувања, во врска со запирањето на судската постапка против лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша за руско лобирање, Мета вели дека „вистинскиот ризик во Албанија е иселувањето, и поради тоа го повторува апелот до политичарите да воспостават дијалог“.
– Алармот е вклучен! Стоп на депопулацијата на Албанија! Ова е вистинскиот руски ризик кој и се заканува на земјата! Ова е најголемиот предизвик кој итно бара дијалог, решение и враќање на надежта за сите Албанци! Деветте услови на Бундестагот се патоказот за европска Албанија! Сега е време! Не може да постои Албанија без Албанци, напиша Мета на фејсбук.
И неодамна Мета изјави дека депопулацијата е негова најголема грижа и побара политиката да се одрази, а граѓаните да се „повикаат на разумот“.
– Моја најголема грижа е секојдневниот земјотрес со внатрешно крварење, што го нарекувам депопулација. Политиката прва треба да се одрази, но Албанците исто така треба да се повикаат на разумот затоа што можат да избегаат во која било земја во светот, но ќе ја загубат својата татковина, порача Мета.
Тој додаде дека најновите бројки покажуваат оти бројот на албанските граѓани, кои во 2019 година ја напуштиле земјата, бележи раст од 16 отсто споредено со 2018 година и присутен е трендот на зголемување.
Според албанскиот државен Институт за статистика (ИНСТАТ) во текот на 2018 година мигрирале над 38.000 албански ѓраѓани. Во периодот од 2011 до 2017 година од земјата се иселиле 333.000 лица.