Претседателот на Партијата на слободата(ПЛ), поранешно Движење за социјалистичка интеграција, Илир Мета го најави првиот протест организиран од оваа политичка сила, откако го презеде нејзиното раководство, по завршување на мандатот како шеф на албанската држава на 24 јули.

Мета најави дека првиот протест ќе биде на 13 септември во 18 часот кај инцинераторот во Тирана (објект за горење отпад), нарекувајќи го местото на одржување на протестот „ремек-дело“ на корупцијата на Владата.

-Следниот вторник ќе се одржи првиот протест кај инцинераторот во Тирана. Првиот протест на Партијата на слободата, на 13 септември, во 18 часот, пред „ремек-делото“ на корупцијата на Владата. Ги покануваме сите граѓани. Ги повикуваме сите што сакаат да протестираат, изјави Мета на прес-конференција.

Мета беше прашан од новинарите дали овој прв протест се организира во соработка со ПД. Првиот човек на ПЛ рече дека е поканет да учествува секој, но пред сè граѓаните кои ги краде власта.

-Протестите пред се се протести на граѓаните. Во овој случај, ние презедовме иницијатива, бидејќи долго време се занимаваме со прашањето на инцинераторите. Сите се добредојдени, пред сè граѓаните затоа што им се крадат даноците, изјави тој.

На прашањето зошто е избрано токму тоа место во Тирана за да ги започне протестите, Мета рече дека премиерот Еди Рама е вклучен во секоја афера.

-Во секоја афера е Еди Рама. Тој гарантира неказнивост за сите тие помали преродбеници. Тој е насекаде. Има многу долга рака, рече Мета.

Тој вечерва на средба со претставници и локални структури на партијата во градот Берат предупреди дека земјата ја чека „жешка есен“ додавајќи дека ќе ги „преземат овластувањата од премиерот и ќе му ги вратат на народот“. (МИА)