Албанскиот претседател во заминување, Илир Мета, преку објава на Фејсбук, реагираше на истражувачката сторија, објавена од Гласот на Америка, каде се наведува дека во изминатите шест 6 години Албанија ја напуштиле 220.000 граѓани.
Според Мета, анализата која ја потврдува појавата на депопулација, но и намалувањето на работната сила, е уште една потврда дека постои намерна агенда која има тенденција да ја банкротира Албанија како нација.
– Намерната антинационална агенда за депопулација и банкрот на Албанија е јасен факт. Трагичните последици се чувствуваат во секое албанско семејство и во секој сектор. Должност на сите нас е да се обединиме без да губиме повеќе време, во еден заеднички национален фронт, со одговорност, патриотизам и професионализам да и се спротивставиме на оваа голема драма и да ја вратиме надежта, напиша Мета.
Тој додаде дека неопходна е итна потреба од јасна и ефикасна стратегија, која реално и трајно ќе се бори со појавите кои водат кон „напуштање на државата од страна на Албанците, прво гарантирајќи стандарди на владеење, демократска одговорност на секое ниво и слушање на гласот на граѓаните преку референдум“.
– Да ги обединиме нашите енергии за да и ја дадеме на Албанија заслужената европска насока и перспектива! Сега е време да се изгради Европа во Албанија, порача Мета.