Министерството за финансии денеска или најдоцна до крајот на утрешниот ден ќе пушти писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање на проектот за брзата пруга од Коридорот 10. Како што изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, крајниот рок до кога банките би ги поднесувале понудите се уште не е дефиниран.
На новинарска констатација дека се уште нема проект за брзата пруга врз основа на кој би се барале пари, Димитриеска Кочоска напомена дека таа можеби има „некакви информации“. Притоа, ги упати медиумите детали за тоа дали има проект или не, да прашаат во Министерството за транспорт.
-Во каква форма и што значи да се има проект е нешто што мислам дека треба да го прашате Министерството за транспорт. Вие велите немаме проект, но јас имам некакви информации. Ве молам прашајте во Министерството за транспорт, јас не сум министерот што го прави проектот. На Влада сум добила информации, ме задолжиле, сме ги кажале своите видувања по однос на Информацијата што сме ја добиле и не задолжиле да си продолжиме постапка во прибирање податоци. Имаше премногу шпекулации периодов и мислам дека треба од Министерството точно да ви одговорат да или не – какви податоци има, зашто штом Информација дошла на Влада, значи внатре ставиле податоци, подвлече Димитриеска Кочоска.