Подобрувањето на финансиската едукација е од големо значење за економскиот развој на една земја, бидејќи колку финансиски пописмено е населението – толку подобри финансиски одлуки се носат, објави Министерството за финасии. Тоа, како член на меѓуресорското тело за финансиска едукација, во континуитет преку различни активности делува во насока на подигање на финансиската писменост. Во рамки на меѓународната кампања „Глобална недела на пари“, која се одржуваше неделава, претставници на Министерството за финансии одржаа повеќе он-лајн предавања за високо, средно и основно образование.

Министерот за финансии Фатмир Бесими се приклучи кон кампањата со свое предавање за Буџетот – неговите функции и извршување, кое го одржа пред студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа. Бесими посочи дека буџетот ги одразува владините политики и дека истиот има за цел да придонесе во општествениот и економски развој на земјата. Овогодинешниот буџет, посочи министерот, се осврнува на три приоритети – здравјето на граѓаните, економскиот раст и институционални реформи во насока на евроатланските интеграции.

Инаку, „Глобалната недела на пари“ е годишна кампања за подигнување на свеста за значењето на финансиската писменост и едукација. Таа е организирана од Меѓународната мрежа на ОЕЦД за финансиско образование (ОЕЦД / ИНФЕ), во која членува и нашата земја преку меѓуресорското Тело за финансиска едукација составено од Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.

Во рамки на „Глобалната недела на пари“, организациите (јавни, приватни и непрофитни) низ целиот свет, организираат свои настани, како: предавања, активности на Интернет, натпревари за цртање, фотографии, есеи и видео, работилници за онлајн финансиско образование, и други активности. Иницијативата е покрената од 2012 година и оттогаш константно се зголемува бројот на земјите кои учествуваат. Оваа година „Глобалната недела на пари“ се организира под мотото „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“.