Друштвото МХЕ Тополки најостро ги демантира неточните информации и лажните конструкции и бара јавно извинување од медиумот и од новинарот.
Друштвото МХЕ Тополки категорично ги отфрла лажните наводи објавени во текстот со наслов „Службеници кои се посомневале за „Тополки“ на Анѓушеви завршиле зад решетки!“ објавен на Алсат – М ТВ на 09.08.2019 година.
Според Договорот за концесија за вода за изградба на мала хидроцентрала од 2015 година (склучен со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ) и издаденото Одобрение за градба од Министерство за транспорт и врски од 2016 година, изградбата на малата хидроцентрала МХЕ Тополки се извршува етапно во последователни фази каде што процесот се одвива според преземените обврски согласно Договорот за концесија од 2015 година при што секој чекор и преземена активност е јавна и транспарентна.
Поврзувањето на Друштвото МХЕ Тополки и ставањето во контекст со наводите на новинарот, се апсолутно неточни, тенденциозни и се со цел да се предизвика штета на угледот и честа на друштвото и на управителот Тодор Анѓушев, како и на безбедноста и нормалното тековно работење согласно законот.
Појаснуваме дека согласно Законот за градежно земјиште, службеникот кој ја води постапката за давање на долготраен закуп за изградба на објекти од јавен интерес е должен и обврзан по автоматизам да побара мислење од Државното правобранителство.
Постапката за долготраен закуп се води на електронски начин, така што странката и органот кој ја води истата имаат целосен увид во текот на дејствијата. Појаснуваме дека органот кој ја води постапката односно службеното лице има побарано Мислење од Државното правобранителство на 30 јули 2019 година (многу покасно од наведените датуми во текстот на новинарот).
Поврзувањето на Друштвото МХЕ Тополки и ставање во контекст со неточни и измислени информации и инсинуации, предизвикува штета на честа и угледот и на компанијата и на управителот.
Затоа бараме објава на целосната содржина на овој демант во истиот информативен формат (вести) како и прилогот и бараме извинување од медиумот Алсат–М ТВ и од новинарот за изнесените невистини и инсинуации.
Секоја понатамошна невистинита информација или инсинуација со цел поврзување на Друштвото МХЕ Тополки со кој било тековен случај и судски процес, ќе подлежи на преземање правни мерки од страна на друштвото со цел да го заштитиме угледот и честа на Друштвото и на управителот и да го спречиме ширењето невистини и неточни информации.