Во секое општество постои една непишана претпоставка дека родителот, без оглед на околностите, ќе го штити сопственото дете. Затоа случаите кога родител го одзема животот на своето дете, а притоа и се самоубива, предизвикуваат шок, неверување и бес.
Државава деновиве сериозно ја вознемири настанот кога мајка заедно со својата шестгодишна ќерка скокна од шестиот спрат во скопската населба Тафталиџе, директно во смрт. Додека обвинителството го истражува настанот, народот нагаѓа и претпоставува што се случило, обидувајќи се да најде логика за ваквиот очаен потег на младата жена. Единствено што засега е сигурно е дека мајката трпела долгогодишно физичко и психичко насилство од сопругот и татко на нејзиното дете и дека е јасно дека таткото ја довел во таква состојба со повеќегодишното малтретирање, тепање, па дури и денот на самоубиството кога два пати ја тепал.Тој е во притвор и го чека судење.
А на прашањето „што се случува во психата на родителот во моментот кога љубовта кон детето се претвора во одлука за заедничка смрт?“, психијатрите со години се обидуваат да дадат одговор, некогаш помалку, некогаш повеќе успешно.
Во психијатријата овој феномен се нарекува filicide-suicide (убиство на дете од страна на родителот), по што следи самоубиство. Иако е релативно редок, тој се појавува во многу различни култури и историски периоди. Едно од најцитираните истражувања е анализата на триесет случаи на филицид – самоубиство, објавена во списанието “Journal od the American Academy of psychiatry and the law”. Истражувачите откриле дека повеќето родители кои го убиле своето дете и потоа или притоа извршиле и самоубиство имале сериозни психички проблеми, најчесто депресија или психотични состојби, кои можат да бидат и последица од долгогодишно малтретирање од страна на партнерот, семејството, околината… Како што е со случајот во Скопје, за што постојат сведоци и пријави дека сопругот со години ја тепал и понижувал несреќната жена пред малолетното дете, па и на јавни места.
Ова во психијатријата е опишано како „проширено самоубиство“, кога родителот не гледа друг излез од, за него, безнадежната ситуација во која го донел партнерот (или други причини), планира да се убие и смета дека детето „мора“ да оди со него. Токму тука се јавува опасната мисла: „не можам да го оставам детето само во светот“.

Познатиот американски форензички психијатар Филип Резник, кој со децении го истражува убиството на деца од родителите, наведува дека најчестиот мотив е таканареченото „алтруистично убиство“ т.е. трагично самоубедување на родителот дека со смртта го „спасува“ детето од страдање. Односно, во овие најпарадоксални случаи родителот мисли дека „животот е залуден“ и дека детето нема иднина. Посебно не со ваков татко, како во нашиот случај, ако ја малтретирал и тепал мајката која му го родила детето, зошто би бил поинаков и кон тоа дете. Во таква состојба, на смртта родителот гледа како на „ослободување“.
Во други случаи мајката или таткото развиваат заблуди, како на пример, дека детето е во опасност, дека е „опседнато“ или дека треба да биде „спасено“. Овде велат, постои поврзаност со долгогодишна депресија со психотични симптоми или биполарно растројство.
Во некои трагедии детето станува и средство за одмазда. Криминолозите го нарекуваат тоа spouse-revenge filicide, кога родителот го убива детето за да му нанесе максимална болка на поранешниот партнер. Ова најчесто се случува во контекст на развод, љубомора или борба за старателство. А, тука е и филицидот на „несаканото дете“.
Секако, некои од ваквите несреќи се поврзани и со економски или социјален колапс како долгови, губење на работното место, распаѓање на семејството… Во вакви случаи убиството на детето е дел од поширок феномен наречен familicide (уништување на целото семејство).
Статистиката покажува дека татковците почесто извршуваат филицид – самоубиство од мајките, дека постарите родители имаат поголема веројатност да извршат самоубиство по убиството на детето и дека постарите деца почесто се жртви отколку бебињата.
Во истражувањето во Англија и Велс, околу 66 отсто од сторителите биле татковци, но мајките почесто имале историја на психички нарушувања (наследни или стекнати од тешки околности). Психолозите забележуваат дека во ваквите ситуации родителот често не го гледа детето како независна личност, туку како продолжение на сопствениот живот. Овие случаи го рушат најсилниот мит за човечкото општество, дека родителот секогаш инстинктивно го штити своето дете. Меѓутоа познавачите предупредуваат дека кога психичката состојба (во која, во нашиот случај ја довел партнерот), очајот и изолацијата ќе се спојат, разумот може да се измести до точка при што љубовта се претвора во трагична заблуда. Тешкото прашање „како е можно човек кој најмногу треба да го сака детето, да донесе одлука за заедничка смрт?“ и понатаму се чини, останува без целосен одговор.
Францускиот социолог Emile Durkheim во својата книгата „Самоубиство“ пишува дека самоубиството не е само личен акт, туку и социјален феномен. Кога човек се чувствува целосно отсечен од општеството и без надеж, може да се појави мислата дека смртта е единственото решение. Кога во тоа се вклучени и деца, оваа логика се проширува. Според него, родителот може да помисли дека „ако јас не можам да живеам, детето нема кој да го заштити“.
Американскиот психолог Томас Џојнер, автор на книгата „Зошто луѓето умираат од самоубиство“, објаснува, пак, дека самоубиството најчесто се јавува кога се спојуваат три фактора: убеденост дека личноста е товар за другите, чувство на целосна изолација, намален страв од смртта. Кога ова се комбинира со родителска одговорност и очај, може да се појави идејата дека детето „не треба да остане само“.
Карл Менингер, еден од највлијателните мислители во американската психијатрија на XX век и автор на книгата „Човек против себеси“ вели дека „самоубиството често е насочена агресија, против себе или против оние кои се доживуваат како дел од себеси“. Арон Т. Бек, основачот на когнитивната терапија вели дека „безнадежноста е најсилниот психолошки параметар за самоубиство“. Кеј Редфилд Џејмисон, пак, светски познатата експертка за биполарно растројство и самоубиство тврди дека „самоубиството не е импулсивен чин. Тоа е крај на долг процес на психолошка болка“. Всушност, уште Фројд во своите текстови за нагоните на живот и смрт вели дека „во човекот постои и нагон кон самоуништување“, а со тоа и уништување на оние што му се најважни во животот.

Но, филициди можат да бидат и последица и на „зачувување на семејната чест“ или избегнување на понижување. Секако дека многу од овие трагедии можеби можеле да се спречат, затоа што сторителите често претходно покажуваат знаци како изразена депресија, зборување за безнадежност, изолација, опсесивни мисли за иднината на детето, а некогаш родителот дури и директно кажува дека „нема излез“. Како и да е, експертите се едногласни дека овие случаи не се обични злосторства. Тие се резултат на сложена комбинација од тешки животни околности, кои често доведуваат до психичка болест, очај и социјален притисок. Како што пишува Durkheim, самоубиството е „огледало на кризата на поединецот и општеството“.
Филицидот, сепак, не е „модерна појава“. Митолошкиот архетип Медеја опишан е во истоимената грчка трагедија на Еврипид. Медеја ги убива своите деца за да му се одмазди на сопругот Јасон, кој ја напуштил. Овој мит често се споменува во психијатријата како образец за „одмаздничко“ убиство на дете. И античките хроники опишуваат случаи на родители кои убивале деца за да избегнат срам или ропство по војни. Историчарите често ги поврзуваат овие трагедии со колективен очај и социјален притисок. Па така, во 73 година, за време на Siege of Masada, еврејските бранители решиле да ги убијат своите семејства, а потоа и себеси, за да избегнат римско ропство. Овој трагичен пример се споменува како колективно самоубиство од очај. Во јапонската култура постои историски феномен наречен Shinju, заедничко самоубиство на родители и деца. Во некои периоди, особено во 19 век, ваквите случаи биле поврзани со сиромаштија или социјален срам…
Неизбежно, доаѓаме и до начинот на третирањето на овие несреќни настани од страна на медиумите и учесниците на социјалните мрежи. Романтизацијата на убиство на дете од родител и самоубиство обично не е намерна, но описите на сторителите како „очајни“, „скршени“, „луѓе кои не гледале излез“ според психологот Томас Џојнер можат да создадат симпатија кон извршителите бидејќи „самоубиството лесно се претвора во наратив за трагичен херој наместо во приказна за сериозна психолошка криза“. Впрочем, во медиумските студии постои познат феномен наречен како „Вертер ефект“, именуван по романот „Страдањата на младиот Вертер“ од Гете. Имено, по објавувањето на романот во XVIII век, во Европа бил забележан бран на самоубиства кај млади луѓе кои се идентификувале со ликот. А современите истражувања покажуваат дека детално и емотивно известување за самоубиства може да го зголеми ризикот од имитирање.
Луѓето тешко прифаќаат дека ваквите трагедии понекогаш немаат едноставно објаснување. Иако, често бараме една голема причина (љубомора, сиромаштија, депресија…), реалноста обично е многу покомплексна т.е. комбинација од семејни конфликти, физичка и емоционална тортура од најблиските, изолација, кризи, отсуство на заинтересираност од надлежните институции… Впрочем, како и трагедијата во Тафталиџе.




