Медиумската информативна агенција – МИА денеска одбележува 25 години од своето активно работење.
Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на земјава, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видео преноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми.
МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа на денешен ден пред 25 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица – новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика.
МИА е лидерска агенција во Македонија, која според последните истражувања покрива 65 проценти од македонскиот медиумски простор, а ја користат традиционалните, но и онлајн медиумите, меѓународни организации и институции.