Вработените во Медиумска информативна агенција и денеска за време на паузата четвртипат излегоа на предупредувачки протест пред просториите на Агенцијата и ги повторија барања од кои најалармантно е тоа за зголемување на платите за 30 проценти. Аргументацијата на вработените е дека просечната плата во МИА е далеку од просечната плата во државата, а таа во моментов изнесува 36.465 денари.
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници безрезервно од самиот почеток стои зад барањата на вработените во МИА и смета дека истите се легитимни, а со оглед на најавата за седница на Владата денеска, и ветувањето дека ова барање може позитивно да се реши, чиниме дека е идеално време за затворање на ова прашање.
Потсетуваме, МИА е мултимедијален медиум кој продуцира вести на три јазика, ја има најголемата дописничка мрежа и известува за сите настани во Македонија, но и за случувањата во светот. Агенцијата има соработка како со регионалните, така и со светските медиуми со што нејзината улога е од огромно значење за целата земја и особено за медиумската сцена.