Водени од мотото „Никогаш повеќе“, група интелектуалци меѓу кои Тоде Ивановски (1924-2005) борец, ликовен уметник и педагог, учесник во Февруарскиот поход, Владимир Точковски (1925-1994), професор, Димитар Димитровски Такец (1922-2015), новинар дописник на „Нова Македонија“ од Битола, Лазо Каровски (1927-2000), македонски поет, професор во битолската Учителска школа и други поединци организирани од Милош Хр. Константинов (1926-1993), одговорен уредник на весникот, во 1958 година потсетуваат на 11 март 1943 година, денот на најголемиот геноцид извршен од страна на фашистичкиот окупатор.

На насловната страница од весникот, издание на ОО на Сојуз на борците од НОБ Битола, поместена е фотографија со група еврејски младинци на екскурзија изработена од Милтон Манаки, а на последната страница е поместена слика „Партизанка“ од сликарот Тоде Ивановски. Во воведот, одговорниот уредник Милош Хр. Константинов, меѓу другото, пишува:

– Во раните утрински часови, во среда, на 11 март 1943 година, откако преку ноќта силни полициски и воени бугарски единици ја блокираа Битола, започна бруталното упаѓање на фашистите по сите домови низ градот. Секавичното нафрлање на полицијата и агентите врз своите жртви се само еден незначаен фрагмент од трагедијата, во споредба со идната судбина на депортираните во некој од бројните логори на смртта што беа никнале како печурки на тлото од поробена Европа. Германо-бугарскиот геноцид над Евреите не е ни малку случаен. Тој произлегува од кобната расистичка теорија, столбот на фашистичката идеологија, што зборува за пониски и повисоки човечки раси. Единаесетти март 1943 година ќе остане вечно сочуван во спомените на битолчаните, скопјаните и штипјаните како ден што претставува вонредно црна дата. Ретко кој од илјадниците очевидци ќе може да ги заборави трагичните слики од полуголи, сонливи и безпомошни пеленчиња, расплакани деца, нејаки жени и изнемоштени старци кои беа терани пред светливите бајонети, во композицијата на смртта. Од преплашените детски лица, од безнадежниот изглед на човечките физиономии се претскажуваше крвавиот и страшен крај, пишува меѓу другото Милош Хр. Константинов.

Прелистувајќи ги трошните но сочувани страници од весникот посветен на годишнината од депортацијата на битолските Евреи, воочивме дека токму на 11 март 1958 година во Битола се открива Споменик на депортираните Евреи, камена менора „Седумте шандани“ во спомен на битолските Евреи, жртви на варварскиот фашистички терор.

Годишнината од депортацијата на битолските Евреи во Битола се одбележуваше неколку дни, се наведува во специјалното издание на весникот отпечатен во 1958 година. На единаесетти март, денот на депортацијата, во сите школи во градот и околијата, првите часови беа посветени на животот, работата и страшниот геноцид врз битолските Евреи. На 12 март во некогашното гето, сега парк, ќе биде откриен споменик, стар еврејски симбол „Седумте шандани“. Во рамки на комеморацијата, отпечатено е ова специјално издание, нагласуваат од тогашната редакција на весникот. Важно е да се истакне дека камена менора е прв подигнат Споменик на депортираните Евреи во поранешна Југославија кој е поставен на јавна површина бидејќи до таа 1958 година спомениците на Евреите се поставуваа само на Еврејски гробишта. Идејното решение за споменикот е дело на архитектката Марика Митревска од Битола, а автори на идејата се Петар Пешка, Нико Сервини и д-р Хаим Абраванел, лекар чие име денес го носи ЈЗУ Здравствен дом Битола.

Во специјалното издание на битолскиот весник може да се прочита фељтонот „Проштевај Луна“ на новинарот Димитар Димитровски-Такец, сторијата „Продадениот венчален прстен“ на новинарот Ристо Новеновски, расказот „Девојката со жолта ѕвезда“ на Душко Константинов, но и потресното сведоштво „Учениците Евреи и фашизмот“ напишано од Љубица Ефтимова.

– Иако 20. век е век на големи постигнувања во областа на науката, за жал, постојат документи коишто говорат дека во него е вршено ограничување на школувањето на деца од еврејските семејства. Но ова е само една од мрачните мерки на пруско-бугарските милитаристички режими. За се’ ова постојат документи кои со ништо не можат да ги оправдаат нечовечките мерки на настанот што е сега жално минато. Сочувана е писмена наредба издадена од Министерството на „народна“ просвета на фашистичка Бугарија во која се вели дека учениците од еврејските семејства не можат да ги посетуваат редовните училишта. Зошто беше потребна расната раздвоеност? Одговорот е јасен како што е јасен и одговорот за причините на фашистичките завојувања во Втората светска војна. Основата на сето ова лежи во варварската замисла на луѓето што во тоа време се наоѓаа на чело на земјите што имаа фашистички режим, пишува Ефтимова и потсетува дека за одземањето на детската радост на младите Евреи, фашистите ја вршеле и со забрана за учество на спортски натпревари, а за непридржување кон наредбата, учителите биле земани на одговорност.

Читателот со внимание, најчесто и со навраќање кон пишуваното, може да прочита за животот и судбината на битолските Евреи, меѓу кои и за народната хероина Естреја Овадија Мара, прогласена за народен херој на 11.10.1953 година. За неа, ликовниот уметник и борец Тоде Ивановски, кој освен со сликарската четка беше креативен и со своето перо, ја посветува статијата „Повест“.

– Аврам и Грасија и малата Естреја живееја сиромашки. Аврам со неговите наглуждени прсти работеше „од денес за денес“. Малата црномурна Естреја не можеше да го забележи тоа „од денес за денес“ кога со боси ноџиња трчаше во пресрет на татко и’ кога добиваше по неколку црвени бомбончиња! И…така растеше Естреја, безгрижно…со приспивните мајчини песни…Но, црната страна на животот многу рано се испречи пред неа. Последните саати од единаесеттиот ден на март илјада деветстотини четириесет и трета година…Естреја, потпрена со лицето на ѕидот од одајчето во кое ги исчекуваше куририте партизански, го слушаше брмчењето на моторите на смртта и морничавиот вриеж од неразбирливи гласови… Естреја успеа заедно со уште шест млади луѓе на Баба Планина да се вклучи во одредот „Гоце Делчев“. – Отсега ти си Мара, и шепна еден од другарите. Од нејзините бомби ечеа Фуштани, Конско, Рожден, Кратово…нејзините куршуми пиштеа на Баба Планина, на Пајак Планина и Кожув, на Плачковица и за последен пат на Кајмакчалан во август 1944 кога престана да чука срцето на смртно застреланата Естреја Овадија Мара, напиша во статијата „Повест“, авторот Тоде Ивановски.

НИКОГАШ ПОВЕЌЕ!…

Трагедија. Сенка што ги покрила мислите и чувствата на луѓето. Луѓе кои до последниот момент не веруваа дека од „Молерот“ од срцето на Европа, од земјата на гениите: Шилер, Шелинг, Гете, Кант и други ќе ги разори огништата протегнати од левата страна на реката Драгор. Огништа кои претставуваат ограници од многубројните по многу земји населен еврејски народ. Битолчанецот Борис Павловски во статијата „Никогаш повеќе“, меѓу другото пишува:

Единаесетти март. Поснежна белина го покри градот. Белина обеспокојувана од кафејавите кукли на „Балканскиот надчовек“. Блокада… За последен пат триилјадниот народ, составен дел на градот под Пелистер, ги погледна своите куќи и гробови, места што претставуваат дел на нивното постоење. Тоа беше ден што претставуваше крај на едно циничко мачење на луѓето што го носеа името Евреи. Трагедија што само безумниот „германски надчовек“ не можеше да ја сфати, зошто престана да биде човек.

„Отвори“ ги разбрка скромните барања на луѓето што сакаа уште едно „Денес“. Грубото „Излегувајте“ ги остави отворени вратите и прозорците еднолично да удираат како камбани кои објавуваат несреќа и смрт. Ударање што и денес уште повеќе удара во мислите и го осознаваат крајот на трагедијата што почна во моментот кога „Изродот на човечкиот род“ ја измисли жолтата ѕвезда како декорација што најмалку била потребна за односите меѓу луѓето.

Својот прилог во специјалното издание од 1958 година, авторот Борис Павловски го завршува со пораката „Никогаш повеќе“! – Секоја наша мисла треба да почнува и завршува со зборовите „Никогаш повеќе“. Колку што повеќе патувавме во мислите од „Вчера“ и „Денес“ кон „Утре“, до толку почесто застануваме пред опомените на историјата за да се надахнеме за утрешеното „Никогаш повеќе“. Помислата кон зборот „Никогаш повеќе“ не’ тера и денес да одговориме на прашањата што се поставуваа во трагичниот момент во начичканите со тага и солзи на еврејскиот квартал во Битола.

Имињата на депортираните наскоро ќе бидат поставени на спомен плоча на Еврејските гробишта во овој град.

Во меѓувреме, горната дата уште еднаш ни напомнува дека никогаш повеќе…никогаш повеќе…