Бранка Д. НАЈДОВСКА

Колку што верувањето меѓу народот во бројноста и распространетоста на чудотворните икони во нашата земја е извонредна, толку е парадоксално што не постои официјална и комплетна листа за нив (иако, неколку се документирани), па дури ни некаков каталог во, на пример, туристички цели.

Дали недостатокот на детална пишана евиденција е последица на тоа што наклонетоста кон иконите живее првенствено во усната традиција и личното искуство, или пак станува збор за свесно дистанцирање на институциите од феноменот кој го надминува формалното богословие, тешко е да се каже, исто колку што е и речиси, невозможно да се пронајде соговорник кому му е специјалност оваа тема.

Сепак, можеби токму во оваа „недокументираност“ е и силата на чудотворните икони, затоа што верниците се потпираат на сведоштва, преданија и лична верба, а не на архиви и академски книги.

Нема македонска област без преданија за икони што лечеле, штителе, утешувале… Тоа е, слободно може да се рече, една паралелна народна историја, посубјективна секако, но и позначајна од некаков службен запис за идентитетот, колективната надеж и културната припадност.

Токму затоа, минатата година огромно внимание во јавноста предизвика носењето на копијата од иконата Пресвета Богородица Троеручица (Троеручица — „со три раце“) од манастирот Хиландар (Света Гора), во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, која е една од најзначајните чудотворни икони со богата историја. Се верува дека Троеручица некогаш и припаѓала на црква во средновековно Скопје – локацијата не е сигурно утврдена: можеби била на Калето, или во близина на реката Серава, можеби на сегашното место на храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, па дури и на некое сосема трето место.

Нејзиното име потекнува од свети Јован Дамаскин од осмиот век. Откако неговата рака била отсечена, таа била чудесно вратена преку молитвите пред Божјата Мајка. Во знак на длабока благодарност, тој и ја „додава“ третата, сребрена рака.

Според достапните податоци од локалните библиотеки, црковните извори и интернет, на ова тло забележани се 15-ина чудотворни икони, во разни краишта низ државата. Една од најпознатите меѓу нив е Пресвета Богородица – позната како „Богородица во црно“, која се чува во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струшко. Се работи за уникатна композиција во која Мајката Божја и Исус се прикажани со црни лица. Пронајдена е во пештерската црква која датира од 14 век и е основата на калишкиот манастирски комплекс. Верниците сведочат дека Богородица им дарува деца на оние што молат за нив пред иконата. Се раскажува и дека за време на Втората светска војна, иконата била врзувана во синџири и фрлана во езерото, но се ослободувала и повторно се враќала во манастирот, а наводно има и други записи во манастирските книги и преданија кои сведочат за различни чудотворни искуства и исцелувања преку неа.

Преданието вели дека иконата на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир (Дебарско), била откриена на почетокот на 11 век, кога сама „лебдела“ над изворот со вода, на местото каде што денес стои главниот храм на манастирот. Ова симболично чудо го означува и основањето на местото кое станало еден од православните центри за православните и за Македонците. За време на тешките периоди како опожарувања и војни, иконата мистериозно исчезнувала, но секогаш се враќала неоштетена. Иконата нуди мир, спокој и радост на оние кои искрено се молат пред неа, а постојат и многубројни сведоштва за различни чуда: исцелување на болни, утеха и исполнети желби — како дарување деца на бездетни семејства.

Чудотворната икона „Св. Богородица Согленска“ од 19-от век, во велешкото село Согле е исто така прочуена затоа што многумина ги добиле своите први рожби преку молитвата пред неа, а со изградбата на новите манастирски конаци, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ повторно е меѓу најчесто посетените православни храмови.

Во неготинското село Тимјаник, во тамошната црква „Рождество на Пресвета Богородица“ се наоѓа чудотворната икона на Мајката Божја – Скоропослушничка од манастирот Дохијар на Света Гора. Оваа икона, важна копија на чудотворната „Скоропослушничка“ е позната по тоа што „не задоцнува“ во својата помош од Пресвета Богородица — името ѝ потсетува на молчеливата и брза милост за сите што ги слуша и ја повикуваат.

Меѓу позначајните чудотворни икони се и на Св. Ѓорѓи Победоносец – Манастир Рајчица (Дебарско), особено почитувана поради бројни сведоштва за исцелувања, Пресвета Богородица – Манастир Пречиста (Кичево), која според преданието, чудесно се преместувала и сама го избрала местото каде што денес стои, Богородица со Младенец – Трескавец (Прилепско), за која поклониците веруваат дека чува од болести и носи плодност, па Св. Архангел Михаил – Манастир Лешок (Тетовско), заштитник од опасности и исцелител.

Треба да се спомене и чудотворната икона на Св. Никола во црквата „Свети Никола“ во Битола, особено почитувана од трговци и патници, како и Богородица Скачаница од манастирот кај Кратово, за која легендата вели дека иконата сама „скокнала“ на местото каде што денес стои манастирот. Богородица Елеуса (Нежност) од манастирот во Ваташа (Велешко), многу почитувана и со долга традиција на поклоништво, а тука е и манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези (Скопје), кој освен по византиските фрески познат е и по чудотворната икона на Св. Пантелејмон – лекарот и исцелителот, пред која верниците се молат особено, за здравје.

И за солзите (свето миро) на иконата на Пресвета Богородица во скопско Трубарево, во црквата „Свети Ѓорѓија“ се верува дека се претскажувачки, а Св. Никита и Богородица во манастирот „Св. Никита“ (Скопско), дека има чудотворна сила, како и за Света Богородица во Битола, Светите Петнаесет Тивериополски Маченици во Струмица…

Покрај чудотворните икони, во земјава постојат и други свети и чудотворни предмети, води и мошти за кои се верува дека имаат натприродна моќ. Како на пример, Самовилските Води во Зубовце (Пчиња), односно малиот природен базен од којшто извира водата, која верниците ја користат за здравје и лекување, но местото во вторник не се посетува, бидејќи наводно, се случиле страшни искуства кои послужиле како опомена.

На падините на Водно, во близина на Света Петка и Го̀врлево, извира свет извор поврзан со св. Кузман и Дамјан. Водата се смета за благотворна — лекува, подмладува и носи утеха. Во Сливнички манастир (село Сливница, Преспа), се наоѓа чешма со света и лековита вода, каков што е и изворот „Свети Јован“ во Октиси (Конопиште).

И во манастирот во Калишта, исто така, постои лековит извор – под црквата посветена на Светите апостоли Петар и Павле извира вода, за која се верува дека лечи главоболки и болести на очите.

Моштите на Св. Наум Охридски кои се чуваат во црквата на Плаошник, Охрид, се познати по чудотворните исцеленија (особено од ментални болести), како и лековитото масло од гробот на епископот Гаврил Светогорец во Лесновскиот манастир.

Редно е да се спомене и самопречистувањето на фреските во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје: прекриени со години чад од свеќи, се „исчистиле“ сами од себе, во богати златни и црвени тонови.

Очигледно дека ова мало парче земја е преполно со икони, води, мошти, градби и обреди, кои со векови будат верба и надеж и продолжуваат да го обединуваат народот околу приказните за чуда, лековитост и духовно значење. Меѓутоа, какво е официјалното толкување на нашата црква по ова прашање, објаснува презвитер Бобан Митевски од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија:

„Прогласување за чудо на некое јавување (на пример, на Богородица во Цариград), на некоја икона или, пак, на некој настан (избавување од непогода, од болест…) по посредство на молитвеното застапништво на Богородица, на некој светител итн., станува по опитно и темелно истражување. Се пристапува многу претпазливо, за да не се дозволи соблазна, профанизација или злоупотреба.  На пример, кога станува збор за прогласување на некоја икона за чудотворна, треба во течението на времето да се докажат и посведочат чуда што станале откако луѓе се молеле пред таа икона за некоја своја потреба.

Исто така, кога ќе се забележи мироточење кај некоја икона, треба да се види дали тоа продолжува, иконата да се изолира за да не биде достапна за правење малверзации. Најважното е дека нешто може да се објави за чудо, откако полнотата на Црквата, изразена во соборот на епископи, ќе го потврди истото по опстојно докажување од страна на наменска комисија.

На крајот на краиштата, свештената историја на Црквата не тежнее кон постојана потрага по чуда – најголемото чудо се случи и постојано се објавува, а тоа е воплотувањето на Синот Божји, ‘Кој дојде и нѐ спаси’. Тоа што Господ во некои моменти од времето допушта случување на нешто ‘извонредно’ е да ни се даде претвкус на амбиентот кон кој треба да тежнееме и за кој сме создадени – а тоа е вечната заедница со Бога во Неговото царство.

Значи чудото не е нешто фантастично, нешто ново, нешто несекојдневно – напротив, тоа е природната средина за која сме создадени. Чудото е посета од Бога, благослов од Бога, сатисфакција.“

Митевски на крајот додава и дека „подеднакво големо чудо е покајанието на еден грешник, секојдневно чудо што го сведочиме е претворањето, со дејството на Светиот Дух, на лебот и виното во тело и крв Христови на Литургијата“.