Активна блокада на Собранието, затоа што оваа Влада не е функционална. Денес преку една практична вежба им покажавме дека она што ќе следува во наредниот период е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе го прави. Поднесовме 10 предлог закони за дополнување на дневниот ред на 71. седница, но не се најдоа на денешната седница и тоа не е првпат. Од 120 дена на формирањето на Владата, имаме поднесено 27 закони, а 95% не се најдоа на пленарна седница, вели шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој појасни дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира сѐ она што значи штетен закон во парламентот“.

-Ние вчера успеавме да блокираме едно штетно барање за преместување на парламентарната процедура. Се работи за Законот за игри на среќа, кој што е блокиран во процедура. Владеачката мнозинство проба да го помине Законот со автентично толкување и да дозволи формирање на нова втора видео-лотарија во државата, односно игри на среќа. Се работи за влог од 10 милиони евра, информира Мицевски во Дневникот на ТВ Сител.

Според него, има голем процент на разочарани граѓани кои што се разочарани токму од состојбата во која се наоѓаат.

Во секојдневна комуникација сме со граѓаните и ги живеат овие тешки денови и слушаме од нас што бараат. Токму барањето за предвремени парламентарни избори е спас за националната катастрофа, смета Мицевски.

Тоа што го чувствуваат граѓаните во Штип, го чувствуваат граѓаните во Скопје, но и граѓаните во Мала Речица, Дебар, Куманово, ние работиме за сите граѓани, изјави тој.

Мицевски вели дека владеачкото мнозинство е махер за прекршување на Деловникот на Собранието, како и дека поради тоа што не можат да обезбедат кворум, СДСМ, ДУИ и останатите партии од владејачкото мнозинство сами себе се блокираат.

Владеачкото мнозинство е махер за злоупотреба на Деловникот, реагираме на дневна основа на тоа, и можам дека во текот н а денешниот ден повеќе од 10тина пати е прекршен истиот. Три часа денеска не работеа поради нивната неажурност и не обезбедување на кворум, повеќе од една третина од работното време, СДСМ, ДУИ и владејачкото мнозинство, само себе се блокира, вели Мицевски.

Мицевски додаде дека како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ поднеле барање до кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски за средба со членовите на комисијата за надворешни работи и другите заинтересирани пратеници, за лично тој ги избрифира за состојбата односно до каде се преговорите со Бугарија кои ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочувајќи дека биле известени дека се уште нема званичен документ.

Од кабинетот на премиерот Ковачевски добивме информација дека во моментот нема официјален документ за кој што може да се разговара и да не брифира. И тука се различните информации кои што ги дава Ковачевски и Османи, кој што пак информираше дека имало прифатлив документ за македонската страна мислам дека беше 14 април, но бугарската страна тоа веднаш го отфрлила, рече Мицевски.