Власта тактизира, ги користи уставните измени како тема за која треба да се зборува, а во суштина во државата се случуваат други процеси и граѓаните точно знаат каде се дефектите во државата, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за ТВ Алфа и повтори дека ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги прекинал сите официјални билатерални средби со власта и дека единствено може да се разговара за избори.
Тој посочи дека во моментов ниту пратениците од власта не знаат што содржат предлозите за уставни измени, а власта го одолговлекува процесот оти нема мнозинство.
„Овој процес се одолговлекува од минатата година кога го донесоа Францускиот предлог. Владата тогаш најавуваше дека има 80 пратеници и дека брзо ќе влезат уставните измени во собраниска процедура. Потоа се кажа дека ќе се продолжи во декември, па дека ќе одат во февруари, па мај, дојдовме до јули и пак се спомнуваат термини“, рече Мицески.
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски денеска од Самитот на НАТО во Вилнус кажа дека предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници – не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието.