Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел дискусија на тема „Младински политики“ на вториот ден Саем на проекти за млади „Иднина за сите во Македонија“ во организација на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека како професор и педагог има можност секојдневно да се среќава со млади високо образовни академски граѓани, од кои за жал, осум од 10 дипломци велат дека после завршувањето и одбраната на тезата ќе се иселат и ќе ја напуштат Македонија затоа што чувствуваат неправда од системот, немаат надеж, се чувствуваат понижени, обесправени и опљачкани.

„Јас како професор на факултет, сега зборувам како педагог не како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, разговарам со студенти. Во минатото кога имав повеќе можности и време да работам со нив, бев често пати ментор на дипломски работи и до ден денеска сум член на комисија за дипломски, магистерски, докторски, можам да кажам дека осум од десет, дали дипломци, дали магистранти, докторанти велат дека после завршувањето на тезата ја напуштаа Македонија и се селат. И кога ќе ги прашаш, добро, што е причината, зошто тоа го правите, ќе ви кажат дека прво чувствуваат голема неправда од системот, затоа што системот е неправеден, второ нема правда, трето нема надеж и она кое што, можеби, во последно време најмногу го слушам, а тоа е дека се чувствуваат обесправени, понижени и опљачкани“, рече Мицкоски.

Посочи дека тоа е една голема трагедија затоа што ако светот останува на младите и ако државата се испразни и нема млади, таквата држава нема иднина и таквата држава полека но сигурно се распаѓа од внатре.

Мицкоски посочи дека младите тука не гледаат перспектива, не гледаат визија, не гледаат надеж дека работите може да бидат променети, и ако државата се испразни таквата држава нема иднина и таквата држава полека но сигурно се распаѓа од внатре.

Оваа влада не успева да направи услови за младите да живеат тука, главен фокус во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат младите луѓе, ние тоа навистина го мислиме со низа политики кои планираме да ги водиме. Мораме на младите да им обезбедиме иднина, а таа сама по себе ќе донесе надеж Кога мислам на иднина не мислам само на економска, затоа што младите тука се чувствуваат обесправени, понижени, ограбени, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека затоа многу е важно тие кои се одговорни да ги овозможат сите услови и сите предуслови еден млад човек семејството да го направи тука, да го создаде во Македонија, тука да остане и тука да го гради својот живот.

– Тоа е исклучително важно и тоа за нас како ВМРО-ДПМНЕ ќе биде главен приоритет, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски додаде дека економската програма е исто важен дел,. бидејќи со силна економска активност младите ќе може да ја бараат својата шанса.

– Секој од вас треба да има своја амбиција и таа ќе се реализира. Многумина од вас ќе бидат носители на функции, ако ги погледнете членовите на парламентот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе препознаете многу млади кои во минатото биле дел од УМС. Ако го погледнете составот на градоначалниците ќе препознаете многумина кои биле дел од УМС и ја добиле шансата денеска да менаџираат со големи општини, а тоа го прават многу успешно.