„Ние се наоѓаме на помалку од шест месеци од изборен процес. Ова не се случило никогаш како сега да нема комуникација на тема што правиме бидејќи имаме два значајни изборни процеси кои што за неколку месеци од денеска ќе ни се случат. Нема ниту лидерска средба да разговараме за дати, нема разговори што значи адаптирање на Изборниот законик, тоа не се случило досега, а јасни се препораките на ОБСЕ и ОДИХР дека шест месеци пред избори не треба да се менува Изборниот Законик“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Мицкоски додаде дека и трета работа е што никој не се сети да испрати покана до набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР во услови кога Македонија е пред два значајни изборни процеси, тоа се претседателските и парламентарните избори.
„Тие знаете имаат два типа на мисии, едните се со подолг претстој, а другите се со пократок претстој. Овие со подолг претстој веќе требаше да се овде во Македонија“, заклучи тој.
„Нема никаква лидерска средба, никакви разговори за Изборен законик. Порано ова никогаш не се случило. Ова е несериозно однесување на Владата, не е ова Влада само за едно прашање. Никој во Македонија не го интересира дали тие ветиле нешто или не ветиле. Еве повикувам, апелирам и ќе инсистирам на лидерска средба затоа што тоа е одговорно и државнички“, нагласи Мицкоски.
Тој укажа дека е потребна лидерска средба за да се разговара за парламентарни и претседателски избори, но и да се разговара за суштински теми кои и претстојат на државата.
Што се однесува до евроинтеграциите, тој истакна дека Бугарија мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница да покаже дека навистина сака да ја види Македонија таму после се што направи Македонија како лојален сојузник на европската заедница.
„Која е мојата гаранција, ако не видам добра волја од Бугарија да почитува одлуки на Европски институции дека и ако успешно фуриозно ги завршиме сите поглавја и преговори дека на самата ратификација на протоколот нема да добиеме вето. Треба за тоа да размислуваме“, истакна Мицкоски.
„И одложено дејство е опција. Бугарија мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница да покаже дека навистина сака да ја види Македонија таму после се што направи Македонија како лојален сојузник на европската заедница. Откажувајќи се од многу национални атрибути, кои што начнаа во македонскиот национален идентитет, кои што никој претходно не го направил од тие земји членки. Се откажавме од знаме 90-тите, менувавме банкноти, менувавме Устав 6-7 пати, нова територијална поделба, на насилен начин се промени Устав и име и ниту една од овие сите земји членки не направи ни приближно. Тоа е суштината ние не бараме ништо повеќе од тоа што го бараа другите“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека треба за да видиме добра волја од ЕУ треба да се интервенира кај Бугарија и бугарската влада да барем тоа кое е нејзина обврска според многу меѓународни договори да го почитува судот за човекови права.
Мицкоски нагласи дека за македонската заедница во Бугарија има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, јасни пресуди од кои 6 се задолжителни.
Ако ЕУ не може да ја натера Бугарија ова да го почитува како ќе гарантира дека ова не е последно бугарско барање и нема да има вето, изјави Мицкоски.