Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју на МРТ потврди дека Беким Сали и Мухамед Хоџа ќе бидат нови министри и најави дека набрзо, односно напролет ќе има промени како во Владата, така и во државните институции.
„Мојот предлог денеска е доставен до Собранието, а тоа се Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали кој ќе биде министер за европски прашања и потпретседател на Владата“, изјави премиерот Мицкоски.
Во однос на Министерството за здравство, премиерот Мицкоски посочи дека во моментов нема да има промени иако секогаш има простор за напредок и секој треба да добие шанса, но тој цени дека до овој момент Азир Алиу пристојно си ја врши својата работа.
Премиерот Мицкоски додаде дека после партискиот конгрес и сите преструктурирања ќе има промени и во Владата и државните институции за формирање на тим кој ќе го носи товарот до следните избори.
„После конгресот после сите преструктурирања во рамките на партијата напролет очекувам некаде да имаме и освежување во рамките на Владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања и во рамките на државните институции, така што ова е тој грантограм кој во следниот период како претседател на Влада и доколку ја добијам довербата на делегатите, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ не очекува. Формирање на овој тим кој потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори“, потенцираше премиерот Мицкоски




