За време на промоцијата на Андон Сарамандов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Гевгелија, лидерот на партијата Христијан Мицкоски истакна дека Сарамандов е најдоброто решение за градот и за граѓаните.
Истовремено, Мицкоски до Сарамандов упати писмо со 10 правила коишто тој, како иден градоначалник мора да ги почитува и секогаш да се бори за интересите на граѓаните.
како што истакна Мицкоски, ова писмо е беговото, но и заедничката верба и завет пред народот на Гевгелија и Македонија, од кој нема да попуштат.
„(Писмо до идниот градоначалник на Гевгелија – 24 август, 2021 година)
1. Доне, никому да не должиш освен на народот кој ти верува и пред кому единствено одговараш. Градоначалниците од власта кои им должат на семејството кое владее од Струмица се само слуги на криминалот. Тие се слуги на криминалот, а ти биди слуга на народот.
Никакви други обврски немаш кон локални моќници. Доаѓа надеж, луѓето мора да знаат дека доаѓа нова генерација политичари необременети од се порано. Градоначалникот од власта овде во Гевгелија кој должи на разно разни Вицевци е заробен човек, ти биди слободен од такви грижи. Јас никому не должам и кон никому не пренесувам обврски поинакви од таа да се грижиш за народот. Ќе работиш самостојно и целосно ослободен од таков вид на притисоци. Од чистиот образ посилно нешто нема.
2. „Комшиите градоначалници“ од власта кои се со по еден стан од секоја нова зграда ќе им биде испитано потеклото на имот и ќе бидат проверени дали имаат скриен имот, а ти Доне остани обичен и скромен граѓанин на Гевгелија, продолжи со спокојниот живот со твоето семејство и покрај функцијата која сум уверен дека ќе ја добиеш.
Воедно гледам дека терминот „комшија“ градоначалник предизвика внимание од власта, па да дообјаснам. Тоа се повеќето кметови од власта во поголемите градови каде обилно се гради, па во секоја зграда наместо куферче во кеш добиваат станови во посед. Ги викаат „комшии“ не затоа што се отворени кон народот, туку затоа што се отворени за криминалот. Е затоа ќе одговараат, а становите ќе им бидат одземени веднаш по смена на власта. Тие би биле одлични домови за многудетни семејства или луѓе кои немаат црвст покрив на главата. Тоа ќе се случи веднаш по промената на власт.
3. Веднаш да го решиш акутниот проблем со депонијата во Гевгелија и исклучително многу да се посветиш на екологијата. Твоите први одлуки да бидат посветени кон ова прашање. Депонијата го загрозува здравјето на сите гевгеличани. Додека има пекони горештини, наместо чист воздух со месеци Гевгелија дише отровен чад. Не може ние да збориме за ништо понапредно, за технологии и иновации ако нашиот народ се труе со чад и ѓубре. И знам дека од тоа власта профитира, затоа што зад секој проблем кој не го решаваат се крие нечиј биизнис интерес и тоа мора да престане. Гевгелија е еколошки чиста, со развиен турзам, со искористување на потенцијалите на Кожув, со развиен спорт за младите. Тоа е нашиот план.
4. Бори се за младите да останат тука и да градат иднина. Тоа ќе се случи ако се подобри квалитетот на живот. Тешката економска состојба натера многу млади гевгеличани да се отселат. Белата смрт натера цели семејства да се иселуваат. Каменот тежи највеќе на своето место. Затоа твоја задача ќе биде да го подобриш квалитетот на живот. Чаршијата не смее да биде празна. Џагорот мора да се врати на улиците.
5. Сега градоначалниците на власта се борат за економските интереси на врхушката, ти Доне бори се за економските интереси на сите гевгеличани, создавај услови за отворање на работни места. За добро платени работни места. Гевгелија ги има потенцијалите за тоа. Има одлична местоположба и луѓе способни за успеси.
6. Опркужи се со компетентни луѓе професионалци, а не со партиски послушници како што тоа сега го прави власта. Луѓето не ги дели на тоа од која партија доаѓаат, туку колку се способни, дали се чесни. Од мене нема да имаш притисок, сам ќе си го одбираш тимот, но имај на ум тоа да бидат способни луѓе кои ќе решаваат проблеми, а нема да ги креираат истите.
7. Зад секоја плата која ќе ја добиеш, зад секој државен денар кој ти следува, знај дека доаѓа од потта на намачениот народ кој плаќа давачки кон државата. Имај почит кон тие пари, затоа што се од народот. Други пари не ти требаат. Ова е напорна, но благородна работа. А, тие кои заработуваат надвор од платата како овие од власта, од тие пари знај, аир нема. Може ќе купат убави куќи, убави автомобили, но на се му доаѓа крај. Ќе се постави многу бргу прашањето на одговорност.
8. Да работиш 4 години постојано, а не само пред избори како овие од власта. Да бидеш реален, а не „ќе“ градоначалник како повеќето актуелни кои иако на крајoт од мандатот се уште зборат за некое „ќе“ време. Eве 4 години минуваат, нашиот народ вели времето лета, а резултати мора да имаш уште во првата година, во првите месеци.
9. Остани високо морална особа. Создади иднина. Донеси ја Европа дома. Македонија отсекогаш припаѓала кон вредностите врз кои почива Унијата. Иако власта ја спушти темната завеса и ја изолира земјата надвор од евроските аспирации, тогаш се до смената на централната власт, твоја и наша задача ќе биде да ги имплементираме европските вредности на ниво на локалната самоуправа.
10. Доне, најважното за крај, се познаваме долго време, те знам од каков добар ков си и колку скромен човек си и таков остани до крај. Не смее да те промени функцијата или опие власта како актуелниве градоначалници кои станаа локални шерифи. Не заборавај од каде потекнуваш и за што се бориме. Секогаш подавај рака кон оние на кои им треба твојата поддршка и помош. Имаме држава која мора одново да ја градиме и развиваме. Тоа е наша работа, а ВМРО стоечки ќе се носи со овој предизвик. Затоа што најтешките одлуки и времиња се за најспособните, оние кои умеат да сонуваат и сонот да го претворат во реалност. Затоа Доне сонувај големи работи. Се што работиме и ќе работиме е за нашата Македонија, за нашата заедничка иднина.“