Го слушам Венко Филипче како зборува дека сум штител на олигархија. Целиот мој живот го посветив на книгата и пенкалото, и така се градев себеси. И јас во политиката влегов чесно и со искрени намери, и мојата имотна состојба од тогаш до денес е непроменета. А тој, седнат во скутот на неговиот гуру, со хациенда на Водно направена додека е министер, со партнерски зделки со неговиот гуру, кој со чиновничка плата – што како премиер, што како градоначалник – има империја тешка стотици милиони евра, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Струмица.
Мицкоски посочи дека тука следува логичното прашање, како од едно просечно семејство се стигнува до милиони какви што тие имаат и располагаат.
„Одговорот го знаете, а резултатот го плаќаме сите ние – се вика разрушена држава и систем кој пропаѓа и кој сега мораме да го градиме од неговите темели. И нека создаваат лажна слика на душегрижништво, затоа што темелите на овој дом се составени од надежите, мотивите и жртвата на илјадници луѓе кои се вградија во тие темели. И целото мое време го посветувам за да ја кренеме Македонија, ама не се залажувајте ниту помислувајте дека заборавив за мигот што ѝ го направивте на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна на кампањата и спотовите со кои се претставува СДСМ на овие избори.
„Колку и да лажете на спотовите и бледата кампања што ја имате, не можете да го излажете народот. Таму, во тие спотови и изјави, се скриени сите ваши стравови и потсвести, сите ваши сеништа и скриени пораки. Па така, некни, кога патував на еден од митинзите, гледам спот на СДСМ каде тегнат, влечат еден црвен кабел низ Скопје. Кабелот ги заокружува луѓето од СДС, ги поврзува сите од раководството на СДСМ, и вика – точно, во право се, сите нив ги поврзува еден кабел. И со право – кабелот е неизоставен дел од потсвеста на Венко. Човекот при здрав разум излезе и нè убедуваше дека кабелот бил виновен што модуларната болница изгорела. А не системот во распаѓање кој тие со години, а претходно со децении, го уништуваат“, изјави Мицкоски.
Мицкоски со порака до Филипче: „Венко, кабелот не може да биде никаква иднина, туку само добар слуга на неговите политички господари на кои им служи со гордост и чест, и не се ни труди да смени нешто“.
Мицкоски укажа на фактот дека од СДСМ ниту демантираат, ниту потврдуваат за врските и парите од Бугарија.
„Ниту пак се во состојба да кажат поинаку од она што сите знаеме дека е вистината. Ќе ви се скинат и куферчињата пари од источниот сосед, а ниту во зградите и визите од Дубаи има среќа. И сакам една порака до сите нив: тоа што година и три месеци сè уште не стигнала правдата до вас, тоа што година и три месеци секој ден, час во денот и неделата го минувам на градење на темелите што ги рушеа, не значи дека заборавив и не работам правдата да ве стигне“, вели Мицкоски.