И во минатото, и сега и во иднина ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколку дневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кое се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за весникот ВЕЧЕР кое цво целост ќе биде објавено утре.
-Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани, Македонците како мнозинска заедница. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, додава Мицкоски, кој во интервјуто зборува за бугарското вето, македонските позиции на патот кон ЕУ, како и за очекувањата од локалните избори наесен.
Вечер: Деновиве бевте во дипломатска офанзива во Брисел, велите дека членството во ЕУ е приоритет за Македонија. По низата средби што ги остваривте таму, каков Ви е впечатокот лично Вас, во однос на проширувањето на ЕУ?
-Заклучокот е дека постои голема волја и желба, од страна на нашите европски партнери, Македонија да ги почне конечно преговорите за коишто ги исполни сите критериуми уште пред 11 или 13 години, откако сме формално земја кандидат. Македонија има огромно мнозинство на пријатели во Брисел, луѓе кои ја разбираат позицијата на Македонија, но не ја разбираат позицијата на Бугарија, која во овој момент, очигледно претставува сериозна пречка за почнување на преговорите. Најголемите критики што доаѓаат од Брисел кон Македонија е огромното ниво на корупција, криминал кој владее во државата и тоа не е некоја голема тајна, бидејќи ние сме според извештајот на Транспарентност интернационал на 111. место или најкорумпирани и најкриминализирани во Европа. Немањето суштински и квалитетни реформи, лошото менаџирање со ковид-пандемијата… отприлика тоа се дел од неколкуте атрибути кои дипломатите во Брисел ни ги забележуваат. Јас сум целосно вложен на страната на народот и на државата, им реков дека сето тоа кое го заклучиле врз основа на извештаите кои ги добиваат е точно, но дека не сум тука дојден да ја озборувам власта, ниту е мојата цел да ја критикувам бидејќи тоа што тие го кажуваат е горе-долу вистина. Мојата цел беше таму да разговарам со пријателите и да добиеме што е можно повеќе пријатели кои ќе застанат зад нас на денот кога конечно ќе почнеме да преговараме со Европска Унија, успешно да ги завршиме тие преговори и да станеме членка во Европската Унија.