Таму не се интервенира само во членот 353 туку и во еден друг член кој што третира едно друго кривично дело, а тоа е злосторничко здружување, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија говорејќи за дополнување и изменување на Кривичниот законик.
Мицкоски посочи дека на шверцерски начин власта со европското знаменце сака да ја помине оваа измена на законот. И ова е срамен чин на демократијата. Јасна е интенцијата на власта се ближи крајот и не бираат средства за да се заштитат од криминалот што го правеа досега.
„Јас ја разбирам нивната интенција, дека они мислат дека сега се заштитени, но и денес кажав на еден настан не само европско знаме, златно знаме да стават од криминалот кој што го правеле овие шест години и одговорноста за тој криминал нема каде да бегаат“.
Мицкоски додаде дека изминативе повеќе од седум години Македонија поминува низ една голгота. Криминалот на власта е голем и не треба да се помине без одговорност.
„Нити амандмани завршуваат работа, нити постои начин да се сопре оваа работа. Затоа што е злоупотребено европското знаменце. Единствен начин да се побара одговорност е само на избори. Кога ќе дојдат изборите граѓаните да излезат масовно да го поддржат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи, а јас еве ги гледам во очи и велам дека и златно знаме да стават има и други начини и други закони според кои што ќе одговараат за криминалот кој што го правеа изминативе шест години“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Притоа, тој додаде:
„Што и да се случува знам дека за неколку месеци од денеска владата на ВМРО-ДПМНЕ има намера многу посериозно да се занимава не само со ова што се случува монструозно, мафијашко однесување во онкологија туку да се занимава и со овие предмети и со „Беса Транс“ и со Ласкарци и со модуларната болница и со се она кое што изминативе шест години се забошоти, се заборави или некако остана на маргините. Правда мора да има луѓето денес си одат од Македонија затоа што нема надеж а нема надеж затоа што се чувствуваат обесправени. Мора конечно во Македонија законите да важат за сите, тоа е суштинско потребно за сите нас ако сакаме да не биде. Ако сакаме да импровизираме или да си играме држава тогаш ќе продолжиме по оваа патека по која што денеска оди владата, но јас не би одел по таа патека. Затоа што нас ни требаат историски потези историски чекори ВМРО-ДПМНЕ има капацитет, и јас ве уверувам дека тоа ќе го направиме“, нагласи Мицкоски.