Откако како што оцени, премиерот Ковачевски дезертирал и не се одзвал на поканата да го чуе концептот за ублажување на енергетската криза, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го кани на средба вицепремиерот Фатмир Битиќи.. Премиерот Ковачевски со одговор.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не открива дали контактите кои ги нуди за набавка на евтина струја ќе ги достави до ЕСМ или до Министерството за економија, како што од него побараа првите луѓе на двете институции, но денеска го кани на средба вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.. утре во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во 12 часот, гласи поканата на Мицкоски до Битиќи објавена на Фејсбук, за како што вели, детално да му го објасни планот за закрепнување на економијата и помош на бизнисот. Оваа покана до Битиќи, според Мицкоски, следува откако премиерот Ковачевски како што пишува, дезертирал и одбил да се сретне со него.
„ Нудам концепт не само за оваа есен и зима туку и за следната година. Од сето ова политички поени не ме интересираат кога цената е иднината на Македонија и илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање. Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на било кој член на владата, напиша Мицкоски.
Канал 5 побара, но до овој момент не добивме одговор од вицепремиерот дали ќе ја прифати поканата. Во меѓувреме, премиерот Ковачевски во однос на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за телевизиски дуел или средба со него во изјава за МИА вели дека ова не е време за политички поени, покани за дуели и средби, туку време за заедништво и креирање на политики за добробит на сите граѓани. Тој додава дека на последниот Економски совет, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од опозициската партија не се појавил на седницата.
„ Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, вели премиерот Ковачевски.
Директорот на ЕСМ Ковачевски и министерот Бектеши вчера го повикаа Мицкоски, да им ги достави контактите што ги има за поевтини енергенси. Бектеши изрази подготвеност и лично да разговара со Мицкоски, а доколку тој не сака да ги објави контактите, тогаш му понуди да ги достави в понеделник до Министерството за економија.
Мицкоски и нуди на Владата енергетски план со кој како што тврди ќе се заштедат 300 милиони евра преку канали од Германија, Швајцарија и Чешка кои ги обезбедил за поветини количини на мазут и природен гас. Според планот, ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди уште 250 милиони тони природен гас по цена од околу 200 евра кој би доаѓал од Гаспром.