Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повикува премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски да свика лидерска средба, на која, како што вели, ќе се разговара за изборниот процес.
За жал, мора да признаам, ние сме на помалку од шест месеци од избори, но ова што денес се случува, никогаш не се случувало. Ниту имаме дијалог со Владата, ниту се разговара за датум, ниту за завршна верзија на Изборниот законик, а многу се јасни препораките на ОДИХР дека шест месеци пред изборите треба да биде затворен Изборниот законик. Ниту, пак, се упатува покана за набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, вели Мицкоски во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“ кој излегува вечерва.
Тој ја повикува на одговорност Владата, бидејќи, како што посочува, „не се само влада за едно прашање, туку има и други важни прашања, за кои мора да разговараме, не може од страна да ги гледаме процесите“.
Димитар Ковачевски како премиер мора да свика состанок со лидерот на опозицијата, подготвен сум во кое било време да разговараме за дата за претседателски избори, за парламентарни избори, што ќе се склучи со Изборниот законик. Знаете, има помали политички партии што бараат една изборна единица, вели Мицкоски.