Почитуван премиер на Република Косово Албин Курти,

Почитувани министри, директори, претставници на граничните и царинските служби,

Почитувани претставници на меѓународната заедница,

Драги пријатели,

Ми претставува особена чест што денес, овде, на самата граница започнуваме да ја испишуваме првата страница од едно заедничко ново, современо и прагматично поглавје на нашата меѓусебна соработка.

Ова не е само осовременување на еден наш граничен премин!

Ова е отворање на нова перспектива!

За граѓаните!

За стопанството!

За регионот.

Денес симболично, но и суштински ја поместуваме границата помеѓу проблемите и решенијата.

Помеѓу застојот и движењето.

Помеѓу бирократијата и ефикасноста.

Заедничкиот премин, организиран според принципот „One stop shop“, значи едно застанување наместо две, едно чекање наместо двојно губење време, еден увид наместо две одделни контроли.

А за граѓаните, тоа значи повеќе време за семејството, за работата, за животот.

Денес, овде, на најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид.

Границата може и треба да биде наш заеднички мост.

Мост кој поврзува луѓе, идеи, можности.

Мост преку кој се зборува за доверба, соработка, економска размена, развој на културата и туризмот.

Мост што ќе го преминат милиони граѓани, но и милиони надежи и планови.

Оваа иницијатива е потврда дека кога постои искрена политичка волја, заедничка визија и позитивен пристап, нема предизвик што не може да се надмине.

Оваа граница, која досега значеше пречка, од денес станува симбол на модерноста, интеграцијата и регионалната зрелост.

Драги пријатели,

Ние не ја градиме само инфраструктурата на граничниот премин, ние ја градиме инфраструктурата на меѓусебната доверба.

Градењето на меѓусебна почит и партнерство не се случува преку ноќ.

Меѓутоа, секој чекор, секој договор, секоја заедничка одлука нè носи поблиску до визијата за еден регион на отворени врати, на стабилност и на прогрес.

Нема веќе чекање со часови на границата. И работата и делата кои носат подобар живот се најдобриот начин за сите граѓани. Поврзувањето, работата и проектите како овој да, тоа носи подобар живот. И тоа е мојот личен и фокус на македонската Влада.

Денешниот чекор е повеќе од билатерална политика – тој е дел од една поголема слика.

Слика во која целиот Западен Балкан се движи во иста насока – кон Европската Унија.

Оваа заедничка гранична точка не е само премин помеѓу две држави.

Таа е премин кон европските вредности – на соработка, на интеграција и на слободно движење.

Како што рече големиот архитект на Европа Жан Моне: „Ние не обединувавме држави, ние обединувавме луѓе“.

И токму тоа го правиме денес!

Ги обединувавме луѓето од двете страни на границата.

Не одрекувајќи се од историјата, туку градејќи ја иднината.

Не со празни зборови, туку со реални проекти.

Не за конфронтација, туку за добробит на сите наши граѓани.

Почитувани пријатели,

Историјата често пати нè учеше преку поделби.

Денес, решивме да бидеме генерација која ќе учи преку поврзувања.

И денешниот ден ќе остане забележан како ден кога одлучивме дека иднината почнува овде – со еден пасош, со едно застанување, во две држави кои гледаат во иста европска насока.

Нека овој премин биде почеток на уште поголеми проекти.