Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за „Фокус“ беше запрашан како се случи до тој степен да ескалираат односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Политичкото подземје лиферува многу теории на заговори и така се обидува да ја замагли вистинската слика, а таа е дека ова ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против секој обид за криминал и корупција. До нас стигнаа многу информации за многу сомнежи за сторен криминал на ДУИ и функционери на ДУИ и ние сме должни тоа да го објавиме и да се бориме против тоа“, одговори Мицкоски.

Тој посочи дека еден ден, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води институциите, ќе го истражат сето ова, кое во голема мера е поткрепено со докази, и врз основа на тие докази тие лица кои тоа го направиле да бидат изведени пред правдата. И оние теории на заговори.

На прашањето дали сега работата е отидена предалеку и може да се најде во проблем ако мора да прави влада со ДУИ, ако само со нив може да стигне до мнозинство, како што СДСМ се најде после последните избори, Мицкоски одговори – „Граѓаните одлучуваат каква ќе биде идната влада, но нашата желба е ДУИ после 20 години да помине 4 години во опозиција, за да може да се реформира, реструктуира, да се освежи кадровски, за да може после 4 години да настапи на избори“.

Додека пак на прашањето дали верува дека албанската опозиција има капацитет да го порази ДУИ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски нагласи – „Цениме дека обединета опозиција кај албанските политички партии има голем капацитет да ја победи ДУИ. Дали тоа ќе се случи не знам. Но за жал, после оваа изјава тие ќе бидат предмет на кампања од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ застанува до нив, зборува позитивно за нив, а не за ДУИ, и тоа може да биде прогласено за антиалбаски гест. Но, ова е антикриминален гест, ништо повеќе“.

Што се донесува до економската состојба, тој истакна:

-На сите анкети топ-тема за сите граѓани е економијата и сите поттеми – слаб стандард, ниски плати и пензии, инфлација… Сето тоа конвергира кон економијата, повеќе од 30 отсто од граѓаните велат – тоа е тоа. За да имаме ние стабилна економија мора да имаме пред се систем кој ќе обезбедува правна сигурност за секој. Значи, ќе треба да се посветиме тука, ова октроирано судство да го реформираме и имаме план.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со детални потези.

Како што додаде за  решавање на проблемот со корупцијата треба и да им се дадат одврзани раце на чесни обвинители и судии  и ќе се знае кој како што стекнал.

–  Еве отсега можам да им кажам дека, иако имало многу обиди за средби со мене, ниту имам намера ниту познавам некого на кого ќе му извршам влијание, потенцираше Мицкоски.

Тој нагласи дека треба да се обезбеди правна сигурност, по што ќе дојдат инвестициите, а на инвестициите им треба работоспособно население, значи треба да се занимаваме со здравството, со образовниот процес.

Тој нагласи дека образованието продуцира кадри.

– Немам мислење дека се доволни за пазарот на труд, тука треба сериозна анализа и реформа и таков тип на кадри да се продуцираат. Се сеќавам пред 5 6 години имаше јавна дебата околу дуално образование, дали некој уште зборува за тоа? Нашиот образовен систем за жал мака мачи да обезбеди учебници. Некаде нема ни просторни услови, рече тој.

Мицкоски воедно нагласи дека поради немањето стратегија во овие 6 години во здравството се доведовме во ситуација готов проект за нов клинички да се растури и денес да сме пред арбитража со големи суми на пенали на фирмата чиј договор беше раскинат од страна на владата. Потоа ќе правеа во Визбегово, па не во Визбегово туку накај Сарај.

– Тоа е без концепт, колку да се каже и да се вергла без проекти. Ние имаме 2 предизвици. Прво, дали ќе инвестираме во тули или медицински кадар. Ако инвестираме во тули, потребен ни е репрезентативен нов клинички кој идната влада треба да го изгради. Или втората работа е да се искористат моменталните капацитети, но да се адаптираат, да се донесе нова опрема, да се вложи во медицинскиот кадар и да се обезбеди солиден здравствен систем. Се ова да направиме и ако повторно имаме луѓе од здравствениот систем што заработуваат на смртта на пациентите, како во случајот Онкологија, попусто, изјави Мицкоски.