Власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Вевчани запрашан од новинарите дали власта создава услови за фер избори.
Мицкоски посочи дека од самиот почеток изборната трка не е со еднакви услови и можности за сите, а власта им дава пари, односно поткуп, на граѓаните по илјада или илјада и петстотини денари, пари кои претходно ги испокрадоа.
„Не би рекол, бидејќи гледате илјадници вработувања во очи изборите. Моментално имаме повеќе од илјада активни огласи во државната администрација. Се обидуваат со еден поткуп, илјада, илјада и петстотини денари, кој што и онака претходно ги покрадоа ги зедоа да ги залажат граѓаните“, рече Мицкоски.
Друг параметар, вели Мицкоски, од кој што може да се види дека нема еднакви и фер услови за сите во изборната трка е и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.
„Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото кое што му припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да издржиме уште овие три месеци до почеток официјален на кампањата, да ги совладаме а потоа да има одговорност“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ континуирано зборува за злоупотреба на државниот Буџет од страна на моќници кои се блиски до политичките партии на власт во Македонија. Тој продолжи и истакна дека аферата за поврат на ДДВ која ја зборувале се потврдила за точна.
„Во минатото зборувавме за една таква афера која понатаму се потврди како точна а тоа е аферата каде се врши поврат на ДДВ во огромна сума на одредени правни субјекти без да се направи контрола на истите потоа магично тие пари се испумпуваат од сметките на тие правни субјекти и магично се менува сопствеништвото на тие правни субјекти се заменуваат со лица кои најчесто доаѓаат од соседството или да бидам попрецизен од Косово и тие правни субјекти се без никаков капитал ниту пак има можност државата да наплати доколку се констатира при надзор дека станува збор за фиктивни фактури“, вели Мицкоски.
Тој посочи дека очекува веднаш по преземањето на Владата голем дел од информациите што ги имаат да се потврдат.
„Станува збор за стотици милиони евра пари кои се крадени од граѓаните на овој начин. Да бидам попрецизен правниот субјект фиктивно книжи побарувања од државата, тие побарувања се во форма на ДДВ без да се направи инспекциски надзор УЈП издава решение за поврат на данок тој данок се враќа, кога се враќа тој данок се испумпува од сметката на правното лице, се менува сопственоста најчесто со лица од Косово и потоа се констатира дека тоа правно лице нема никаков основ за тоа побарување ниту пак било каков капитал за државата да си ги поврати тие пари“, заклучи Мицкоски.