Како во првиот, така и во вториот круг, ДУИ се подготвува за полнење на кутии и изборни нерегуларности, тврди лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, а објавува ТВ АЛФА. Посочи дека високи функционери и членови на Владата го прават тоа придружувани од припадници на МВР. Вели дека сите информации што ги има ги споделил со полицијата и меѓународните институции кои го следат изборниот процес. Како критични места се посочуваат Липково, Арачиново и Сарај, каде според ВМРО-ДПМНЕ имало тешки изборни нерегуларности на 24 април. Мицкоски обвини дека интегративците предизборно истураат и огромни количини кеш за поткуп на гласачи.
-Ние до претставниците на меѓународната, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места, каде што во определен временски интервал гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имаме бројни нерегуларности, односно да бидам попрецизен полнење на кутии. И на тие избирачки места чудно, но вистиното фингерпринт, односно терминалите за отчитување на отисок од прстот не работеле во тој период, изјави Мицкоски.
Мицкоски одговори и на обвинувањата на Димитар Ковачевски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги закочеле евроинтеграциите на Македонија. Вели токму актуелната власт предводена од СДСМ и ДУИ е онаа која го закочила европскиот пат на Македонија, поради криминалот и корупцијата.
Од СДСМ пак сигурни дека ќе имале повеќе гласови во однос на првиот круг кога добија само 180.000, што за прв пат во историјата на оваа партија значеше дека паднале под прагот 200.000.
-По осми мај секако очекуваме една, СДСМ е силна партија, партија која има и постапки и процедури и демократски капацитет и потенцијал да ги отвори сите дискусии и да ги анализира и причините за овие резултати, но и последиците и по државата и по партијата. СДСМ ќе биде силна партија во Собранието, а кој е власт кој опозиција одлучуваат граѓаните на избори. Јас сум сигурен дека СДСМ ќе имаат подобар резултат од првиот круг од првиот круг, изјави Маричиќ.
Од власта велат дека со сите сили ќе се обидат да го поправат дебаклот од 24 април. Работеле на терен со цел да ги подобрат бројките на осми мај.