Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја искоментира заедничката фотографија на актуелниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски со неговиот претходник Зоран Заев. Двајцата социјалдемократи, заедно со други партиски функционери вчеравечер заседавале во седиштето на партијата на тема – евроинтеграција. Фотографијата следува по гласините во дел од јавноста дека Ковачевски и Заев веќе се на различни страни и наводно Заев сега соработувал со Мицкоски, за што обвини и екс-премиерот Никола Груевски, пренесува ТВ АЛСАТ.

„Откако седум месеци се обидуваа во јавноста, директно или странично, да испраќаат пораки дека некои центри, олигарски, некоја коалиција на поранешен политичар со мене сака да го руши Ковачевски и да прават пуч и така натака, наеднаш вчера се појавува таа фотографија. Јас не знам кој е таму одговорен за нивната стратешка комуникација, но мој совет би бил да му се заблагодарат“, рече Мицкоски.

За состанокот во СДСМ преку социјалните мрежи информираа и Ковачевски и Заев. Ковачевски напиша дека средбата е на т.н. „стратешки тим“ на партијата. Според Ковачевски, СДСМ е посветена и полна со енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Тој додаде дека СДСМ ќе направела сè, за да се овозможи целосен државен и национален консензус за полноправно членство во ЕУ до 2030 година. Заев пак, напиша дека „демократскиот блок не исклучува, туку здружува“ и е потребна одговорност за преземање храбри и одлучни чекори, бидејќи членството во ЕУ сега се чинело најдостижно.

Сепак, лидерот на опозицијата Мицкоски, повтори дека со веќе прифатената преговарачка рамка процесот на евроинтеграција на земјава би бил децениски.

„Верувам во добрите намери на Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз, Берлин и Рим и останатите, но не можам да верувам во добрите намери на официјална Софија, а за жал договорот којшто го прифатија е тотално асиметричен и е во согласност со бугарските позиции целосно, коишто се ништо друго освен вековниот руски интерес на Балканот“, додава Мицкоски.

Во меѓувреме, останува статус-кво ситуацијата за процесот на уставните измени, кој е прв чекор за отворање на преговарачките поглавја. Барем засега, официјални и јавни средби на оваа тема нема, ниту пак најава кога спикерот Талат Џафери ќе го закаже гласањето за потребата за отворање на Уставот, по што ќе се знае дали е обезбедено двотретинско мнозинство.