Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во Тема на Денот во Дневникот на Сител рече дека неговата партија ќе го поддржи пописот во моментот кога сите попишувачи ќе бидат вакцинирани против КОВИД-19.
Според него, дури и поместување на локалните избори нема да значи ништо ако тоа се направи со цел да се имунизираат теренските попишувачи.
Имам модифициран предлог, веднаш нека се донираат 5-6 илјади вакцини за попишувачите, нека ги имунизираат попишувачите, тоа е процес кој што трае месец дена, ќе се одложи процесот на попишување на население и домаќинства, што е тоа во споредба со 20 години чекање и тогаш откако ќе се заврши имунизацијата со попишувачите да се одржи пописот. Првиот момент кога ќе имаме имунизирани попишувачи каде што здравјето на граѓаните нема да биде загрозено и нема да постои опасност попишувачите да шират опасност ние ќе го поддржиме пописот, рече Мицкоски.
За блокадата во државата, Мицкоски порача дека го повикува Заев на средба во Клубот на пратениците:
„Го повикувам Заев во Клубот на претеници на тет-а-тет средба, ден и време кога тој ќе избере. Да разговараме за сите оние проблеми кои се од животно значење. Од кризата со пандемијата до работата на парламентот. За се она што отворено во моментов и стои на маса“, рече Мицкоски.
Прашан, дали и другите лидери на политички партии ќе бидат повикани, на што Мицкоски рече дека зборува за тет-а-тет средба помеѓу двајца, двајца лидери од двете најголеми политички партии односно партии кои имаат најголем број пратеници во парламентот.
„Се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е искрена. Целта ми е да постигнеме конценсуз меѓу двете најголеми политички партии“, додаде Мицкоски.
Додава дека ќе разговараа на сите теми од, корона, вакцини, блокирање на ЕУ интеграции, избори, експертски и широки влади, национален спас и слично.