Денеска сѐ помалку е присутна надеж, сѐ повеќе е присутно разочарувањето, мизеријата, болката за неправдата, болката дека нема правда, луѓето се чувствуваат опљачкани, осиромашени, понижени и голем дел од нив одлучуваат засекогаш да ги напуштат своите домови, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибината „Гоце е Македонија“ организирана во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.
-Многу скоро од денеска ќе имаме можност. Ќе имаме можност, ќе дојдат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Бидете сигурни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Никој веќе нема дилема, дури и Ковачевски да го прашате и Али Ахмети и тие ќе ви го дадат тој одговор. Барем едно е константна, кога и да се случат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Прашањето е дали ќе бидат 55, 58, 60, 62 пратеника – рече Мицкоски.
Тој додаде дека таа шанса нема да значи уживање, туку многу работа.
-Нема да биде лесно. Но, знам едно дека секој кој што ќе биде надвор од оваа рамка, секој оној кој што ќе ја изневери довербата на граѓаните, а е дел од нас, ќе биде веднаш санкциониран и отстранет од структурата од која што ја добила таа шанса. Затоа што образот нема цена, а достоинството на нашите сограѓани, нашиот македонски народ нема цена, не смееме да ги разочараме – рече Мицкоски.
Тој додаде дека СДСМ ја води владата на тој начин што е помал коалиционен партнер на ДУИ.
-Во суштина има многу проблеми кои што ќе треба да ги решаваме. Не очекувајте дека некој друг ќе ги реши. Треба ние да ги решиме. Видовме од овие 68 месеци се веќе Влада дојдоа со ветувањето за живот, пекол донесоа, ја опљачкаа, ја разнебитија, ја понижија Македонија. И затоа денеска бевме сведоци наместо на еден убав свечен чин кој што треба да не обедини ние гледаме чин кој што не разединува, не дели и затоа хеликоптери кружеа над небото над главниот град – истакна Мицкоски.