Реалноста во која живееме, тешкиот живот, немањето на пристојни услови за живот го даваат одговорот, а тој треба да се заокружи со вашиот глас и изборот тука во Македонски Брод на 17 октомври, кога народот ќе биде силата која што ќе ги донесе промените, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг пред граѓаните во Македонски Брод.
Мицкоски потенцираше дека Европската Унија, со чело на државата на Зоран Заев, станува се по далечна, а односите со Бугарија никогаш претходно не биле полоши како што се сега.
-Вчера иако стана јасно по пораките кои ги добивме како држава, дека ЕУ со Заев Заев на чело на државава станува далечна цел, а односите со Бугарија никогаш не биле полоши, сепак тој своите митинзи ги започна со пренесување на поздрави од ЕУ, бидејќи само тоа и им остана, вели Мицкоски.
Мицкоски пред граѓаните нагласи дека тој нема да пренесува поздрави туку ќе каже еден виц за Заев за самитот на ЕУ, бидејќи како што истакна тој духот на народот, цврстината и мудроста се состои во тоа човек да се насмее дури и тогаш кога тешки облаци надвиснале на нашите судбини.
-Јас нема да пренесувам поздрави, јас ќе кажам една шега која се кажуваше вчера меѓу луѓето, бидејќи велат духот на народот, цврстината и мудроста се состои во тоа човек да се насмее дури и тогаш кога тешки облаци надвиснале на нашите судбини. Се возеле во авион Меркел, Макрон, Борисов, Јанша и Заев, кога наеднаш пилотот вели авионот се расипа, мора да го напуштиме. Арно ама во авионот има само 4 падобрани. Го зема падобранот Макрон, и вели морам да ја спасам Франција, не смеам да завршам вака, после него истото и Радев го зема падобранот вели тој морам да ја спасувам Бугарија, не смеам вака да завршам, скока и тој. Доаѓа редот на Зоран Заев зема и тој и вика јас морам да ја спасам мојата држава, не вели Македонија бидејќи тоа му е забрането и остануваат уште Меркел и Јанша. Меркел му вика на Јанша, види јас сум во години, еве ќе се жртвувам и за Германија и Словенија, земај го ти последниот падобран и спасувај се. Јанша и вели има два падобрани, бидејќи Заев рипна со својот ранец, рече Мицкоски.
Ете така драги мои Заев се однесува како во оваа шега, со ранецот кој мислел дека е падобран, импровизаторски, формално, без суштина. Но тој создава проблеми, без да биде свесен за последиците кои ги прави за државата и идните поколенија, а се грижи само за својот спас и спасот на тесната клика околу него се грижи, нагласи Мицкоски.
Мицкоски го обвини Заев дека наместо да ги решава проблемите тој отворил 1000 нови проблеми.
-Впрочем тој отвори 1000 проблеми и во моментот кога храбро и лесно потпишуваше договори не гледаше подалеку од носот и не можеше да предвиди дека влегува во тежок офсајд, распродавајќи идентитет, историја, нешто што никој претходно не го направил. Заев ги создаде проблемите со Бугарија, а викаше дека ќе не внесе во ЕУ, само договорот да се потпише и работата била завршена. 52 месеци, 5 години истите работи. Креира тензии во општеството преку амнестирање на криминалот и заедно со ДУИ се истото лице и опачина, изјави Мицкоски.