Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во поткастот „Каде се парите“ зборувајќи за реализацијата на капиталните инвестиции истакна дека нивото на истите е повисоко во споредба со лани кога претходната влада како капитални инвестиции се книжеле социјални трансфери, дотации до јавните претпријатија.
„Реалната состојба со капиталните инвестиции мора да ја поделиме во два дела. Зошто? Затоа што во минатото како капитални инвестиции се книжеа социјалните трансфери понекогаш, понекогаш дотациите до јавните претпријатија и акционерските друштва по доспеани побарувања. Дали се тоа кредити или доспеани побарувања кон добарувачи, тоа сè се книжеше, што велат во министерството над црта, односно во делот на капиталните инвестиции“, истакна Мицкоски и додаде дека и покрај предизвикувачките временски услови во споредба со лани кога беа подобри реализирано е поголемо ниво на капитални инвестиции.
„И покрај тоа што оваа година споредено со минатата година беа по предизвикувачки, зборам во делот на снег итн. за разлика од лани кога беа подобри, ние имаме поголемо ниво на капитални инвестиции реализирано со тоа што инвестициите капитални коишто се финансирани од страна на јавни претпријатија и други институции, а коишто се финансирани со заем се книжат под цртата. Тоа се дотации по доспеани побарувања. Да речеме, Јавното претпријатие за државни патишта реализира капитална инвестиција автопат, но таа капитална инвестиција се реализира со тоа што е бекапирано, односно поддржано со некаков кредит. Не е во можност јавното претпријатие да го исплати тој кредит и бидејќи државата дала државна гаранција, кредитот за реализација на тој пат го исплаќа Министерството за финансии. Порано тоа се книжеше како реализирана капитална инвестиција над цртата, односно во делот на капиталните инвестиции“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така преку пример објасни како се пресметувале капиталните инвестиции од страна на претходната власт и додаде дека доколку сега би се сметало по старата формула би се дошло до двојно повисок процент, односно помеѓу 18 и 20%.
„Еве патот Градско-Дреново-Фариш, направен е патот, тој е бекапиран со кредит не успеало ЈПДП да го сервисира, Министерството тоа го сервисирало и тоа наместо да се книжи како порано што правела претходната влада за овој пат капитална инвестиција во капитални, се книжи под цртата. Кога тие две бројки ќе се соберат, едната е мислам со 15-16 април некаде околу 90-тина милиони евра, а другата е 85, тогаш доаѓаме до 175 или за 20 повеќе за истиот период минатата година кога навистина, пред избори беше итн. се брзаа многу работи и тогаш се исплати оној голем аванс за Бехтел и Енка, ќе дојдеме до бројка којашто е поголема од таа којашто беше минатата година“, нагласи Мицкоски.