Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „200“ на Алсат рече дека следна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ би го напуштила договорот со Бугарија во случај бугарската страна да не отстапи од своите позиции на, како што рече, „асимилација на овој народ“.
-Ако после определен временски период упорно се продолжи на асимилација на овој народ, се напушта билатералниот договор потпишан со Бугарија. Таа влада, којашто јас ќе ја предводам, ќе го напушти тој договор. Затоа што тој договор не дал просперитет или шанса за просперитет на овој народ, без разлика на различните етнички групи кои што се дел од оваа држава…на македонскиот народ и ќе бараме нов договор со Бугарија, рече Мицкоски.
Според него треба да седнат релевантните политички субјекти во државата на ден, два, три и да се договорат околу клучните прашања, а тоа се справување со пандемијата, преговорите со Бугарија, како до подобра економска состојба – каде што постои буквално цунами, па и за образованието
–Ајде да зборуваме меѓусебно, отворено како ние како опозиција можеме да допринесеме за интересите на државата, од друга страна власта нека ги сподели со нас сите информации што ги поседува, што направиле до сега поврзано со клучните прашања, вели Мицкоски.
Замислете, продолжи тој, излегува вчера премиерот, па јас сум згранат како педагог и вели повеќе од 90 проценти од учениците следат настава.
–Што значи тоа? Тоа значи дека 10 проценти не ја следат. А тоа значи дека повеќе од 20 илјади ученици во овој момент не ја следат наставата, а полугодието заврши. Што е најстрашно, ни еден медиум тоа не го цитираше. Не постои медиум кој ова го цитираше во државата. Повеќе од 20 илјади деца поминаа тримесечен образован циклус без да добијат знаење. Тоа го кажува премиерот на државата. Па тоа е скандалозно. За тоа се менува министер. А ние молчиме. Медиумски молк, рече Мицкоски.
Коментирајќи ја кризната состојба и зошто не треба да има лидерска кај Пендаровски, вели дека не се познава разлика помеѓу ставовите на Заев и Пендаровски.
-Баравме кризна состојба, тогаш не убедуваше сите нас дека нема потреба од кризна состојба, ниту имаме капацитети, сега гледаме дека песничка си пее со кризната состојба, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека потребно е да се седне и отворено да се разговара како да се придонесе за интересите на државата, но власта мора да ги сподели сите информации кои и поседува, а не средба на која власта сака само климање на глава.