Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва со припадници на исламска вероисповед организираше ифтарска вечера и упати повик на социјалните мрежи за обединување и заедништво.
– Ми преставува задоволство што се собравме денес во време кога припадниците од исламската вероисповест го слават месецот Рамазан, и оваа ифтарска вечера која ја организираме преставува повик за обединување и заедништво, бидејќи сите подеднакво го споделуваме секојдневието и реалниот живот, исти проблеми и предизвици. А каква е реалноста која ја живееме и ние христијаните како и муслиманите и оние кои се или не се религиозни? Таа е далеку од добра. Имаме состојба каде народот осиромашува, каде проблемите се мултициплираат, се потешко семејствата врзуваат крај со крај, рече Мицковски.
Тој истакна дека младите без разлика дали се Македонци или Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи си заминуваат од земјата.
– Младите не ја гледаат иднината тука, нема семејство каде нема некој роднина кој што отишол својата среќа да ја побара надвор од нашата земја. Иселениците значат трајна загуба за иднината на Македонија. Воедно имаме власт која не избира средства за да го подели народот, за да крене вештачки поделби и огради, за да не подели на политички подобни и оние кои не се, на оние кои се за и против измислени политички закони, за оние кои се за и против пазарењето со честа и достоинството на земјата. И сето ова го прави нечесно, со заткулисни намери, водејќи се од свои ситни и партиски интереси, додека обичниот човек страда. На Скопје, Куманово, исто како и на Струмица и Охрид, и секој град и село во нашата Македонија повеќе од се друго им треба економија. Им треба подобар живот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За жал, како што рече, во моментов Македонија е препознатлива по две работи на скалата за статистика во Европа, и двете за жал не се добри и не се популарни. Првата, ние сме најкорумпирана држава во Европа, и втората Македонија е убедливо на дното по растот на БДП, со очајно слаби 0.1 осто.
– И на реалниот човек и не му значат овие статистички податоци, доволно е да го отвори својот паричник и ќе види дека е празен. Затоа тоа мора да се измени. Затоа ние ќе понудиме решенија и ќе покажеме дека може подобро. И ќе работиме подеднакво силно за да постигнеме стандарди за подобар живот во секој град, село и населено место во Македонија. Иднината на нашата земја е во спроведување на политика на принципи, и вредности, и политика која ќе носи решенија. Меѓусебното разбирање и почитување секогаш биле одлика на луѓето кои живееле на овие простори. Она што ги обединувало биле маката и заедничките предизвици. Така е и денес. Сите граѓани имаат слични и реални потреби кои мора да се задоволат за што е потребна енергија, план и посветеност. И ние тоа го имаме и ние тоа ќе го постигнеме. Заеднички, силно, одлучно, затоа што секој човек вреди, затоа што секој живот вреди, затоа што Македонија вреди и Македонија ќе победи, порача Мицкоски.