Нападите врз Данела Арсовска од страна на нашиот политички противник за градот Скопје е резултат на нервозата и стравот од поразот кој ќе следува за СДСМ на 17 октомври, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за вестите на Сител Телевизија и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ дека партијата ќе води исклучително позитивна кампања.

-Она што жалам и што го гледам кај спротивниот табор, кај нашиот политички противник и нивниот кандидат за градоначалник на Град Скопје е навистина една негативна кампања, нешто што не доликува на луѓе кои претендираат да го водат Скопје иако тоа го правеа неуспешно изминатите 4 години. Тоа се луѓе кои имаат силно ниво на самобендисаност, ароганција, луѓе кои навистина го изгубиле секое човечко достоинство но пред се една голема доза на страв од пораз кој е се поизвесен и кој ќе се случи на 17 октомври, истакна Мицкоски.

Тој им порача на СДСМ да го зачуваат човечкото достоинство бидејќи граѓаните повеќе не сакаат негативни кампањи и преку глава им е од ниски напади, и да се фокусираат на идеи и програма.

-Да водиме една позитивна кампања, ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, да им понудиме не само на скопјани туку на сите граѓани во Македонија програма која ќе можат да оценуваат проекти, стратегија и визија за развој на општините. Но за жал почетокот кај нивниот кандидат за градоначалник не ветува таква кампања. Тоа е нивен начин, но јас можам да им порачам да бидат малку достоинствени бидејќи поразот на 17 октомври ќе се случи, барем да зачуваат малку достоинство, потенцираше Мицкоски.