На вечерашниот митинг во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говореше и за современите херои на Македонија пред чија битка треба да се поклониме.

-И тие од власта коишто велат дека живееме во време кога нема херои, кога сакаат да нè направат рамнодушни на сè, да ги убијат нашите емоции, идентитетски специфичности, тие само не знаат каде да погледнат. Затоа што нашите херои не се само живите паметници и ридовите на Мечкин Камен, или гробовите на Делчев и Карев, или гранитниот споменик на ослободителите на Скопје, или жртвата на Корчагин. Тие се само еден дел од цената која била платена за нашата слобода. Јас во оваа кампања запознав многу современи херои кои ја водат и нашата битка од која треба да земеме пример и пред чие дело јас како човек се поклонувам.


Во скопски Бутел го запознав Мухамед. Неговиот роднина жив изгоре во Тетовската модуларна болница. Мухамед ми вели одбивам да верувам дека главниот виновник за смртта на мојот чичко е само струен кабел, но немам ниту бес во мене, ниту барам одмазда за Филипче, или кон кој било друг бирократ поради чие отсуство на одговорност повеќе го нема мојот чичко. Нивната оставка нема да ми го врати неговиот живот, но првенствено што ми е важно е да се знае вистината, не за да има некаква политичка жртва, туку за да не се повтори истото на нечиј друг чичко, татко или роднина. И Мухамед не бара многу од државата, парче достоинство за него и за неговото семејство, тој ја сака вистината и неговото барање значи да спаси други животи во иднина.


Вториот херој е малиот Бојан, кој живее во подножјето на Скопска Црна Гора. Откако го сретнав на митингот во Гази Баба секогаш кога ќе погледнам низ прозорецот кога врне дожд помислувам на неговата судбина. Секој ден Бојан патува по 2 километра до неговото училиште. Пешки со ранчето на грбот. Претежно по каллив пат, неасфалтиран, а многу често вели кога ќе дојде зима, светлото е реткост по бандерите. Бојан живее на само 7 километри воздушна линија од оваа моја говорница, во центарот на градот. Тука до ова плато блиску е Владата, подолу на Водно е владината резиденција каде престојува премиерот. Таму има светло, асфалтирани булевари, внатре персиски килими, затоплување. Кај Бојан, на само 7 километри од тука нема ништо од ова. Нема асфалт, нема светло. Не знам дали има и канализација или  водовод. Ама кај Бојан има надеж и челична волја да успее. И Бојан победува секој ден, и го носи нашиот товар како општество кое не успеваме да овозможиме еднакви услови за развој. Затоа Бојан е мојот херој, херојот поради кој вреди сево ова. Поради кој имаме обврска да успееме, да победиме и да донесеме иднина и за него, и за сите млади луѓе кои заслужуваат надеж, шанса и среќа – раскажа Мицкоски.