Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за порталот Макфакс одговори на прозивките од страна на СДСМ за негова средба со обвинетиот во случајот Рекет Зоран Милевски Кичеец и финансирање од страна на рекетираниот бизнисмен Орце Камчев, нагласувајќи дека СДСМ на прес конференции поставува прашања, но не и докази и факти за негова било каква вклученост во некој инкриминирачки процес.
Мицкоски јавно ги повика доколку поседуваат било каков доказ против него веднаш да го објават без да се плашат од тужба бидејќи нема да ги тужи, но како што рече доколку не поседуваат да се извинат јавно бидејќи во спротивно се служат со квази политичка пресметка каде што само сакаат да го извалкат него како лидер на опозицијата.
Доколку постои било каков инкриминирачки материјал, не мора да поставуваат прашања, не мора да се плашат од законот дека ќе ги тужам, туку веднаш да ги објават на моја евентуална инкриминирачка активност и не треба воопшто да се мислат, јас следниот ден ќе се појавам во истражниот затвор во Шутка Скопје. Но, доколку не постојат ќе треба да се повлечат и да се извинат јавно, бидејќи навистина вака е малку кукавички да поставувате прашања па да мислите дека ако поставите прашање вие ќе ја кажете тезата во јавноста, ќе го извалкате лидерот на опозицијата во една квази политичка пресметка а притоа ќе бидеме заштитени и законот ќе не штити бидејќи имаме прашална форма. Еве нека се охрабрат не мора воопшто да поставуваат прашања, доколку навистина постои таков инкриминирачки материјал каде што има корупција и криминал веднаш да го објават и веднаш да го пријават во рамки на обвинителството, а јас истиот ден самиот ќе се пријавам, вели Мицкоски.
Во врска со економијата, тој меѓудругото истакна:
„Разговараме со граѓаните ги прашуваме кои се нивните реални проблеми, кои се оние маки кои што ги тиштат и на тоа сакаме да дадеме наш импут и наш одговор, што можеме, што не можеме, потоа првиот столб и најважен, право, правдина и владеење на правото, знаеме како имаме тим кој што работи на функционален концепт, за да можеме тој концепт понатаму да го пресликаме“.
Тој истакна исто така дека треба да се спроведе дигитализација, Македонија да биде технолошки тигар на Балканот, да се развие економија во вистинска смисла која што ќе обедини и образование и здравство и земјоделие и подобар живот за сите граѓани.
Мискоски истакна и дека власта во моментов нема интерес од постигнување на договор за Законот за обвинителство. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ власта го гледа обвинителството како алатка за притисок врз политички неистомисленици, додека опозицијата се залага за почитување на законите и Уставот.
-Ние во моментот имаме ситуација каде што владата односно СДСМ апсолутно не сака да има договор по тоа прашање. Нашиот став е почитување на закон и устав нивниот став е како да добиеме уште една алатка како да правиме притисок врз политичките неистомисленици во случајот ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, вели Мицкоски.
За него доказ дека власта не ги почитува законите и Уставот е писмото на Катица Јанева од притвор со кое се случи незаконскиот пренос на предметите од СЈО во Јавното обвинителство. Мицоски потенцираше дека Љубомир Јовевски му слугува на Зоран Заев бидејќи сите свои одлуки ги носи во дослух со власта.
-Ако тие ги почитуваа законите и Уставот тогаш немаше да ни се случи она писмо на притвореничката, немаше да ни се случи начинот на комплетно незаконски пренос на случаите на Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство, се сеќавате, тоа што тие, на начин кој што тие незаконски го направија, го предлагав уште во јуни, тогаш бев одбиен брутелно од страна на Јовевски и беше тоа прокоментирано како нерационално, недоходовно или не знам уште што, е сега прашањето е два месеци потоа, што влијаеше да се смени ставот на Јовевски, дали можеби онаа средба со адвокатот на Зоран Заев и убедувањето, практично отварањето на хоризонтите, или пак и тој е еден од оние кои што одличија да му слугуваат на Зоран Заев и СДСМ, додаде тој.