Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да присуствува на средбата што Пендаровски ја организира во Крушево со политичките лидери, како своевидна замена за досегашното традиционално масовно славаење на Илинден на Мечкин Камен во Крушево, иако е поканет од шефот на државата. Од партијата велат дека како и минатата година, доследно на традицијата, Мицкоски ќе биде во струшкото село Ташмаруништа, каде ќе се обрати пред присутните.

Како што е познато, Пендаровски ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден. Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ за ова вели:

-Кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег – вели Митева.

Како што беше соопштено вчера за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути.

Според агендата што ја објавија од кабинетот на претседателот, на централната свеченост на Мечкин Камен ќе настапат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Македонија, опреската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичарот Влатко Стефановски, воениот оркестар на Армијата а зборот и пораките на илинденците ќе ги пренесе актерот Никола Ристановски.

Пендаровски ги поканил во Крушево и лидерите на сите политички партии, со цел да седнат на маса и да покажуваат некакво помирување, зашто на народот му било доста од политички говори и делби, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а присутен ќе биде и Зоран Заев.

Оваа идеја на Пендаровски е неприфатлива за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ќе биде на прославата во Ташмаруништа.