Сите ние сме сведоци за тоа што Македонија се движи во погрешна насока. Сите ние сме сведоци на катастрофата во здравството, учениците немаат книги, а почната е учебната година и веќе месец и половина помина. Сведоци сме како печалат на смртта на граѓаните после оној случај кој што беше на клиниката за Онкологија. Имавме средба и во Радово со земјоделците. Луѓето мака мачат да го продадат родот свој, а и тоа што го продаваат го продаваат по екстремно ниски цени и на нивниот грб печалат прекупците, трговците. Денеска ги гледаме низ Македонија пензионерите како ни протестираат, не можат крај со крај да врзат, а да не зборуваме за младите. Доаѓам од една средина како универзитетски професор, средина каде што после дипломирањето најголемиот дел од дипломираните инженери одлучуваат да ја напуштат Македонија затоа што не гледаат иднина, не гледаат визија овдека, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со граѓаните на Општина Василево во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Мицкоски додаде дека за да се промени ваквата лоша состојба и бесперспективност во државата потребно е обединување околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ за да се обезбеди што поголема победа со цел да се трансформира општеството и да се надокнади сето тоа што е уништено во изминативе 6 години.
„Сето ова нас не обврзува да обезбедиме национално единство, да се обединиме сите ние и на следните парламентарни избори обединети да победиме со мнозинство во парламентот и да освоиме 61 пратеник, затоа што победата на ВМРО-ДПМНЕ денеска никој не ја доведува под знак прашање. Сигурно ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе победат, но нас ни треба силна победа каде што ќе можеме да испорачаме многу реформи со коишто ќе го трансформираме општеството, ќе направиме трансформација на општеството. Не ни требаат ситни чекорчиња. Нас ни требаат крупни чекори за да можеме да го трансформираме општеството и да го надоместиме сето она кое што изминативе шест години е уништено“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Затоа јас ве замолувам на една мобилизација, на една масовност, на едно обединување околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните парламентарни и претседателски избори“.