Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Битола ги поздрави сите луѓе кои, како што рече имаат потреба за сигурност и стабилност која ја немаат, ја имаат лутината поради која мотивираните да успеат стануваат неуспешни, не затоа што тие не се квалитетни туку затоа што системот ги направил таков. Луѓе чии семејствата се раслојуваат, си заминуваат во потрага по се она што тука не може повеќе да го најдат, сигурност, среќа, иднина.
-Се повеќе горди и достоинствени луѓе кои се со наведната глава затоа што денешното време на мака, страдања, системот во распаѓање им кажува дека Македонија која е нивна, е одземена од една каста, една клика составена од малкумина обединети не по идеологија, или вредности, туку по неспособност, желба за крадење и лични кариери. Луѓе кои сметаат дека го имаат природното право само бидејќи се таму каде што се да управуваат со туѓи судбини, да водат битки со туѓи синови и ќерки, и на секоја наша заедничка загуба тие, сите заедно, да имаат добивка.
Тие мислат дека имаат право на се, но тоа право не е природно стекнато, туку присвоено, отуѓено, украдено и затоа сум тука во Битола, да им порачам на таа клика, на таа каста дека Македонија не е само нивна, таа е и моја, многу повеќе наша заедничка, на напатениот и горд народ чија самодоверба ја рушат, ја уриваат секоја надеж, за да може полесно да владеат. И затоа, треба добро да знаат, истакна Мицкоски на трибината „Надворешна политика“.
Посочи дека Македонија е на секој еден човек единствена.
-За Македонија и сите нејзини луѓе ќе ја промениме оваа власт и ќе победиме. И таа победа ќе биде за секој еден човек кој го поттурнуваат настрана, кој го обесправуваат.
Таа победа ќе значи испорачување на порака од народот до кастата на власт составена од еден главен изведувач, а тоа е Демократската Унија за Интеграција, и подизведувачот, помалиот коалиционен партнер, а тоа е СДСМ и неколку негови чираци.