На денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека оние 400-ни илјади кои не гласаа за Заев и оние милион гласачи кои останаа дома не се никакво зло, туку тоа е Македонија која се обедини против него.
-Зоран Заев во писмото кое го напишал и испратил до неговото членство, на индиректен начин вика дека тие што не гласале за него, биле злото. Јас не мислам така, јас велам тие 400 илјади кои излегоа и не гласаа за Заев и тие милион гласачи кои одлучија да останат дома не се никакво зло, тоа е Македонија. Тоа е Македонија која бара промени и иднина. Македонија која се обединува против Заев и вели доста е. Доста е од се што до сега видовме, истакна Мицкоски.
Тој вели дека со Заев премиер, Шилегов градоначалник и СДСМ власт сосема е извесно дека може да има прогрес само на криминалите, тендерите и неисполнетите ветувања. Прогрес на аферите кои се случуваат неколку десетици неделно, на лагите, разочарувањата, а власта не сфатила ништо, туку продолжува со уцените, заканите, со злоупотребите на полицијата во изборите, со купување на гласови, со потценување на народот, со третирање на гласовите како да им се во џеб и нивна приватна сопственост.
-И додека целата кампања Заев додека збореше за минатото, за некакви минати времиња, сеништа, ни лепеше етикети, само формално велеше дека му се обраќа на народот, народот во неделата му се обрати на Заев. Следното обраќање на народот следува на 31 октомври кога во огромно мнозинство треба да излезе и да се определи за нова иднина.
Мицкоски посочи дека клучот е во излезноста, како и тоа дека негативната кампања не треба да ги одврати граѓаните, затоа што власта само со нивниот поткуп и притисоци имаат намера да го обезвреднат гласот на граѓанинот.
Што се однесува до изборите за Скопје, Мицкоски истакна дека единствено она за кое се грижи Петре Шилегов е зголемување на својот личен имот, а лагите за тунелот под Кале, Луна паркот и мостот кој завршува во нечија дневна соба, покажува само дека аматеризмот на Шилегов е поголем од неговото неработење.
-Сообраќајниот хаос е последица на тоа што градот Скопје престана да се развива. Скопје 4 години се дави во смет, во хаос, бетон и лажни надежи на градскиот татко. Лагите за тунелот под Кале кој непостои, новиот Луна парк кој не е допрен или мостот кој завршува во куќи и нечија дневна соба покажува дека аматеризмот на Шилегов е поголем од неговата неработа за Скопје, критикуваше Мицкоски.
Мицкоски истакна дека единствено каде вистински се потрудиле градоначалниците од власта е во нивната трка за зголемување на личниот имот, каде Шилегов е шампион.
-За нас ова е трка за модерно Скопје, за нив тоа е трка по моќ и функции, посочи Мицкоски.