ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Ѓорче Петров го промовираше својот кандидат за Општина Ѓорче Петров, како и кандидатката за Град Скопје, Данела Арсовска за која партијата даде поддршка. А свое обраќање имаше и претседателот Христијан Мицкоски.
Тој, меѓудругото, истакна дека ако ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата победат на 17 октомври, ново парламентарно мнозинство и нова влада ќе има меѓу двата круга односно веќе во периодот меѓу 17 и 31 октомври.
Покрај тоа, Мицкоски истакна:
Да не дозволиме егзибиционисти, повторно да му овозможат на Зоран Заев и СДСМ продолжување на нивниот политички живот. Гласот за Александар и за Данела подразбира нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и подобри денови за нашата Македонија, за нашето Скопје и за нашето Ѓорче.
Да не дозволиме лажни опозиционери да го делат опозицискиот блок, да не дозволиме народот да биде измамен како многу пати досега. Преку глава му е на народот од измами и лаги и лажни политичари кои излегуваат од тоа политичко мочуриште, а со една цел да им служат на оние политичари од транзицијата кои овој народ го пљачкаат 30 години. Затоа ве повикувам излезете на 17 октомври уште рано наутро и заокружете го името на Александар и Данела. За новиот градоначалник на Скопје и новиот градоначалник на Ѓорче Петров.
На овие настани честопати знам да прочитам писмо кое го пишувам до идниот градоначалник во случајот идниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, не за да се правам важен или да си придавам лажна големина, туку народот да слушне и да остане запишано она што ние мислиме и очекуваме од овие храбри и мотивирани луѓе да направат.
Прво, Александар да почнеш со работа уште првиот ден од новиот мандат. Затоа што сега Ѓорче има градоначалник само во последните три месеци, додека речиси цели 4 години ги помина во длабок сон, и со редовни афери. Граѓаните мора да видат разлика, а програмата со која ќе излеземе мора да биде во целост спроведена.
Второ, потребни се вистински проекти, а не шминка како досега. Потребни се асфалтирани улици во Даме Груев, Волково, Ново Село, Орман. Потребна е вода за пиење во Кучково, потребно е зеленило и ред во градењето во Хром, инвестиции за подобар и квалитетен живот во Ѓорче 1 и 2. За младите спортски игралишта, враќање на душата на Ѓорче и маалскиот живот. И Александар знам дека ова ќе го направиш, затоа што знаеме каков работник и колку упорен човек е. Ова е твоја задача, и ќе ја имаш целата моја поддршка.
Трето, неофицијално слушам дека актуелниот градоначалник си имал неколку соработници кои отворено се нуделе за дебел надомест наводно да решаваат проблеми, даваат маркици за градење, узурпираат земјишта и што уште не. Ова допрва ќе го провериме, откако ќе се смени централната власт, но знам дека Александар на тоа време ќе мора да се стави крај. Ти работи чесно, и според законот, како што впрочем си правел секогаш во животот. А на тие кои ќе се обидат да направат таква работа, местото им е пред органите на прогонот.
Четврто, во Ѓорче има две машини за перење, како што објавија медиумите, општината ги набавувале по 25 илјади евра секоја. Човек да се исплаши колку чини една реконструкција на градинка, или замена на прозори во училиште во општината. Високите цени значат само едно -корупција. Промените кои ќе се случат значи да се пази за секој еден денар кој ќе се троши, затоа што тој Александар не е мој, ниту само твој, туку на народот кој заслжува чесна работа.
Петто, слушам дека актуелниот градоначалник најмалку може да се види на своето работно место, но и не е меѓу народот, туку во една друга институција, најчесто со микрофонот во рака, а не да држи политички говори туку да се забавува себе и гостите присутни на таа институција. Затоа ти Александар биди меѓу народот и нему служи му. Зошто тој дава и тој зема, а образот на човека нема цена. Тој не смее да биде извалкан,
Шесто, ние ќе се бориме против урбаната мафија. Голема неправда е едно семејство кое со неколку генерации живее во педесетина квадрати да плаќа за било која доградба комуналии, а оние со темни скапи автомобили кои дивеат низ улиците да креваат згради кој како ќе посака, затоа што имаат врски до градоначалниците. Урбаната мафија не е некој апстрактен поим кој не може да се објасни, тој е креатура на корумпирани функционери и оној дел од новопечените бизнисмени кои спечалиле лесни пари. И сето ова се одвива на грбот на народот, кој се гуши во бетон. На тоа мора да му се стави крај, а Ѓорче Петров мора да се развива според пропишаните правила и закони.
Седмо, Ѓорче Петров ќе ја направиме модерна и урбана општина, нашата цел е да развиеме општина каде проблемите ќе се решаваат и нема да се ставаат под тепих. Да збориме за 21 век, за нов квалитет на животот, еколошки чиста општина, со се што е потребно за поубав и поудобен живот.
Осмо, една од нашите цели ќе биде вистински до почист воздух, а тоа е можно преку гасификација на домаќинствата и стопанските објекти. Ѓорче заслужува почист воздух, Скопје заслужува почист воздух, а ти Александар ќе имаш за задача заедно да обезбедиме приклучоци до секое домаќинство во општината бесплатно. Само така ќе се грижиме за поквалитетен живот.
Деветто, мора да создадеме услови младите да ги задржиме овде. Спортот, обезбедувањето на работа, развој на стопанството, повеќе пари за народот мора да биде она што ќе го овозможиме. Ништо не сме направиле ако за младите не создадеме иднина.
Десетто, и најважно, Александар знам дека си хуман човек, доктор со големо срце, Ѓорчевец кој на секој еден кој има мака му помага. Остани таков, не дозволувај функцијата да те промени. Ти менувај ја реалноста која не е добра. Не прави поделби меѓу народот како овие од власта, без разлика на политичката, партиската или етничката припадност. Сите тие, сите ние живееме со истите маки, и исто сонуваме за подобар живот. Заедно да создаваме, заедно да градиме заедно да се бориме за иднината.
Александар Стојковски и Данела Арсовска за градоначалник на Скопје ќе бидат одличен тандем кој ќе работи за доброто на граѓаните. Пред нас имаме шанса за промени, да се избориме за надеж, за ново утро, за нов почеток кој ќе значи промена која сакаме да ја видиме. Време е народот да го врати ударот, и да си ги врати општините и државата. Не е народот беспомошен зошто ова некогаш беше негова земја, и сега ќе си врати во свои раце. Силно и одлучно со срце, со љубов за подобар живот. Со визија и енергија за големи работи.
Да славиме заеднички победа, да се радуваме за работи кои ќе се избориме