Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и генералниот секретар на партијата и носител на кандидатската листа на изборна единица 3, Игор Јанушев денеска ја посетија општина Пехчево.
Мицкоски пред граѓаните рече дека се чувствува победата на ВМРО-ДПМНЕ и дека по 15-ти јули неговата партија ќе ја предводи владата.
Ова не се избори како и сите останати, повтори лидерот на опозициската партија потенцирајќи дека на овие избори граѓаните одлучуваат за иднината на Македонија, на вашите потомци, но истовремено и за честа на нашите предци кои што практично со живот го платија она што ние денеска го живееме.
-Затоа кога зборуваме за овие предвремени парламентарни избори, зборуваме за нешто многу повеќе од тоа. Изборот на овие предвремени парламентарни избори се сведува на две понуди. Кои што една од друга се многу различни. Од едната страна ја имате понудата на СДСМ со веќе истрошени, потрошени политичари кои што буквално немаат никаква идеја, никаква визија што да понудат за иднината на нашата Македонија. А, од другата страна го имате ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ кои што имаат решение за сето она кое што го нудат во програмата, за сето она кое што е содржано во оние 360 страни, кои што ги понудивме пред граѓаните, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека матрицата на СДСМ е секогаш иста и не се менува. Криминалиите на СДСМ се безброј, но, според него, сепак граѓаните ги знаат сите и знаат дека СДСМ во државата само донесе криминал, сиромаштија, рекет.
-Апелирам до секој оној кој што денеска планира, има намера на 15-ти јули да излезе и да заокружи пред името на Љупчо Николовски и СДСМ, Коалицијата со Беса, заокружува за уништување на Македонија. Треба секој да го има тоа пред себе, кога ќе излезе на изборите и кога ќе го заокружи тој број, нагласи Мицкоски.
Генералниот секретар на партијата Јанушев изјави дека граѓаните единствено што видоа од СДСМ и Зоран Заев е откажување од идентитетот, распродажба и играње со историјата, односно креираа состојба со која го натераа народот да ја наведне главата.
– Стоиме сега овде пред вас и ви даваме збор еден од главните приоритети на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе биде враќање на достоинството на македонскиот народ, борба за македонското национално достоинство.
Одговарајќи на нападите на неговиот противкандидат Љупчо Николовски од СДСМ, Јанушев потенцираше дека на Николовски требаше да му биде незгодно и срам кога 2016 година заедно со Зоран Заев се колнеа и лажеа дека нема да го менуваат уставот, нема да го продадат идентитетот, дека ќе се борат за историјата и јазикот. Порача дека тие ќе одговараат за она што го направиле.