Добровчер Прилеп,
Добровечер за градот под Марковите кули, градот на многу херои, писатели, војводи, комити.
Градот кој е пркосен симбол за македонскиот непокор.
Добровечер Македонијо!
Ова е финалето.
Еве не во предвечерието на финалната одлука за тоа дали Македонија ќе ја вратиме на народот или ќе остане киднапирана во рацете на стотина луѓе, на партиите кои силно ја држат во своите канџи и ја злоупотребуваат и крадат секој ден.
И ќе потсетам дека оваа држава е создадена од надежите, страдањата и сонот на плејада генерации кои се вградија во темелите кои не држат и во најсилните потреси. Тие темели се полевани од борбата на илинденците, од перата и зборот на преродбениците, од солзите и лелекот на македонските мајки, од надежта на младите. Затоа ви велам ова е можеби последната шанса да ја спасиме Македонија и да вратиме на народот.
Тие од власта ја одземаа. Направија систем да им служи на ним, а не на народот. Државните тендери станаа приватни. Најповторуваното чувство кај народот е дека нема систем, нема држава. Затоа што се создаде еден апарат воден од ДУИ, а опслужуван од СДСМ кој ја потопи Македонија во криминал и корупција.
Се потплаќа за здравствен преглед, се фаќа врски за образование, за добивање на субвенции. Не доведоа буквално до работ. И создадоа еден димен облак, спростреа една завеса која им се вика ЕУ. Се прогласија себе си за европејци, само за да не се збори за криминалот. А еден метар не мрднаа и не не придвижија кон Европа. И од ЕУ се срамат кога гледаат дека Артан и Бујар ги бранат. И додека за тоа зборат го посрамотија со штетни одлуки и договори секое национално чувство на Македонецот. Се однесуваат кон државата, нацијата и идентитетот како да сме некаков хибрид. Дека немаме спомени, дека немаме паметници и херои. Дрво без корен. А тоа е само затоа што не сакаат да погледнат околу себе.
На неколку километри од тука е роден Ѓорче Петров еден од водачите на ЦК на ВМРО. Човекот кој го посвети животот на Македонија. Од тука е Марко Цепенков, човекот кој со своја рака го бележеше македонското народно творештво. Од овој град е и првиот претседател на АНСОМ-ска Македонија, Методија Андонов Ченто. И плејада други синови и ќерќи кои се бореле за Македонија. Кои страдале Македонија да биде на нејзиниот народ. А мојата и филозофијата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе биде Македонија на сите луѓе. Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците…на христијаните, муслиманите и атеистите. На народот кој му е преку глава на како до сега политики и бара безусловно промени.
И тие промени се случија во првиот круг од изборите. Повеќе од 180 илјади разлика.
Сакам да испратам искрена и длабока благодарност до сите кои гласавте на овие избори, но и кон оние кои не гласаа за нас и идниот претседател Гордана Силјановска Давкова и гласаа за другите партии и кандидати, а и кон вас, кои не излеговте на гласање. Во сите тие постапки има пораки, верба и став и ние ќе ги почитуваме истите и ќе работиме во периодот што следи за доброто на сите, без поделби, без цинизам и без меѓусебни попречувања, ќе работиме да ги вратиме вербата и надежта кај секого, колку и ова да звучи невозможно или прозаично, ние ќе се трудиме и ќе се бориме за секој еден глас, за секој еден човек, бидејќи секој еден човек во Македонија е важен.
Време е конечно да се обединиме.
И, ако нешто сакам да го одбележи моето политичко функционирање тоа е борбата да бидеме единствени и обединети во желбата за напредок и благосостојба на сите, да ги исцртаме заедничките вредностите кои Македонија ќе ја направат просперитетна, каква што ја сакаме сите.
Среќен и благодарен за можноста и шансата која се појавува пред нас, но истовремено свесен и загрижен за предизвиците со кои се соочуваме како и проблемите кои се наталожени, знам дека не чека сериозна борба за подобро, и во таа борба секој од вас, од сите нас, е подеднакво значаен и подеднакво може да помогне.
Сакам ова мое обраќање до народот после нашите заеднички успеси и макотрпна борба со гордост да го паметиме и споделуваме како почеток на Новото поглавје на политичката историја на Македонија, чиј главен дел сте вие, затоа што вие сте и ќе бидете генерација на промени и подвизи, и вие народот сте силата на Македонија.
Како што сонцето изгреваше секој ден, така ја почнувавме нашата кампања полни со верба и надеж за подобро, дека ќе ве увериме дека можеме и мораме подобро и дека може да се потпрете на нас, свесни за апатијата и разочараноста во политичарите која ја имаа мнозинството граѓани и која според мене е оправдана.
Храброст, верба, надеж, шанса, можности, пркост, слобода, правда, чесност, работливост, труд се вредностите кои ја имаат изградено оваа наша Македонија и се уште бијат во нашите срца, но се под постојан напад заради неодговорните политичари кои ја изигрувале многупати довербата на народот.
Сите сме свесни во каква состојба е државата и што се случува околу нас. Не е добро. Оправдано многумина од вас велат дека ја изгубивме државата, затоа што гледаат дека институциите не функционираат, ја препознаваат корупцијата која е широко распространета, знаат дека политичарите не мислат на нив, туку само на себе.
Тоа мора браќа и сестри да престане. Мора да престанат разочарувањата и поделбите затоа што има само една Македонија.
Нема социјалдемократски планини, и вмровски реки, нема градови и села на ДУИ, или на Алијанса и Беса, или Алтернатива, нема езера на левица или на Знам, тоа е една единствена Македонија. Нема социалдемократска или вмровска Македонија. Има само една Македонија. И ова е говорено многупати претходно но никој ништо не превзел.
И се додека тоа не го разбереме сите, и одговорно се однесуваме кон тоа, затоа што е крајно време, и ова е ми се чини е нашата последна шанса, се до тогаш, не е можен просперитет. Мора да разбереме дека има само една Македонија и сите сме нејзин составен дел и дека таа не е ништо без нас и ние без нејзе, и дека од тоа каква е и каква ќе биде, зависат нашите животи и животите на идните генерации.
Сето тоа браќа и сестри зависи од нас!
Имаме шанса и таа е на дофат, со овие избори!
Мора само да веруваме дека можеме заедно! Да веруваме во Македонија и во нас самите!
Но, сакам да истакнам дека пред овие парламентарни избори и втор круг на претседателски избори, дека стоиме на работ од овој историски момент, јас сум благодарен и со надеж.
Во текот на целата кампања патувавме заедно водени од заедничката визија за посилна, попросперитетна иднина за нашата нација. Ја презентиравме нашата програма Платформа 1198, која е сериозна програма со многу проекти кои треба да ја променат лошата реалност и да донесат ред и развој, и да ја вратат државата во рацете на граѓаните.
Од раздвижените градски плоштади до тивките села, ги слушавме вашите надежи, ве гледавме во очи, ги знаеме вашите очекувања, вашите соништа и вашите грижи. Ги слушнавме вашите гласови кои одекнуваат низ улиците, тие одѕвонуваат од желбата за промени и обнова на земјата.
Го кажувам ова инспириран од вашата непоколеблива поддршка и верба во Македонија, но и од вашата издржливост.
8 мај е денот кога треба уште еднаш да се слушне нашиот глас!
Кога сонцето ќе изгрее тоа утро, на денот на изборите имаме свечена должност и света привилегија да го дадеме својот глас и да го обликуваме текот на судбината на Македонија.
Во овој клучен момент да ја потврдиме нашата посветеност на демократијата и слободата, на вредностите, кои не обединуваат како народ. Да ги отфрлиме апатијата, малодушноста и цинизмот и наместо тоа, да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени.
Заедно минавме безброј предизвици, преживеавме бури, беше тешко, се уште е, и не чека многу работа. Чуда не се возможни и секој што ќе ви кажува дека може чудо да се случи, знаете дека тој не ја говори вистината и дека тој не е искрен со вас. Но, можеме и мораме да напредувавме со непоколеблива решителност. Ние ветуваме работа и тоа макотрпна и посветена работа.
Ќе работиме деноноќно за вас и ќе се бориме за вас.
Ние се обврзуваме и даваме збор дека нема да ве изневериме. Патот ќе биде тежок, но нема пречка што заедно нема да можеме да ја надминеме. Имаме знаење, визија, концепт како да одиме напред. Нашите политички противници ги знаете, видовте што може од нив да очекувате и не сакам ова обраќање до вас да го обременувам зборувајќи за нив. Се знаете, се е кажано, за жал сите живеевме во реалноста на нивната неспособност и алчност.
Но, сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и одлучност, и со гордо крената глава да ги победиме заедно!
Нашата победа е на дофат. Тоа ќе биде и ваша победа. Заедничка победа. Но не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме и да гласаме. За да немаат можност да не уценуваат никогаш повеќе!
За Македонија да биде повторно наша, да биде повторно горда, Гордана Силјановска Давкова за претседател, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија идна влада!
Со чисто срце и јасна воља Ве повикувам да излезете на гласање со гордост и одлучност. Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места обединети за да може нашите гласови најсилно да одекнат низ сите краеви на Македонија.
Сакам да се обратам и до неопределените и да го побарам гласот на тивкото мнозинство кој е силата за сите промени во Македонија. Тој глас е на луѓето врз кои се потпира државата, чесните луѓе кои искрено и со многу љубов учествуваат во сите големи настани за Македонија. Тоа се луѓето кои системот ги заборави системот, иако системот треба да им служи ним. Излезете и гласајте за промени и овие избори нека бидат вашата одлука, вашиот став за се она што се случуваше во минатото!
Се обраќам до оние кои не излегоа на гласање и сметаат дека сите се исти. Јас не велам дека сум безгрешен, ниту пак велам дека ние сме безгрешни, но ви велам дека се борам со сите сили за подобро, да покажеме дека можеме и дека ќе успееме само заедно. Вашиот глас е потребен на овие избори. Седејќи на страна нема да се постигне ништо, а не излегувањето на избори е само награда поклонета за тие кои не донесоа на работ и бездната. Затоа ваш е изборот дали ќе останете дома или ќе се спротивставите. Тие 15-тина минути гласање ја одредуваат и вашата иднина. А сите ние поединци го правиме системот, но и можеме истиот тој систем да го менуваме.
Порака до идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и од партиите од нашата Коалиција, благодарам што верувате во нас. Никогаш немојте да го разочарате народот. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана. Не планирам ниту да го валкам својот образ, ниту пак да го разочарувам овој народ кој се собира да ни даде поддршка во овие триесет и повеќе дена ширум Македонија. Нема да толерирам или премолчувам било каков криминал и злоупотреба, ниски страсти и нешто што може да го повреди македонскиот народ. Имаме многу заедничка работа, барам од вас пожртвуваност, посветеност, професионалност, верност на народот и државата.
И ако некој мисли дека може сам да направи ќе му испратам порака од овде, сите ние сме една алка и алката е силна колку и најслабиот дел од нејзе е силен. Ако тој попушти ќе попушти алката. Ние сме семејство, семејството е Македонија, семејството се љуби, семејството се сака и семејството се штити.
Да ја штитиме нашата Македонија заедно, да го штитиме нашето семејство заедно. Ова не е игра на поединци, ова е игра на тим. И мора како тим да се однесуваме!
Се обраќам и до оние кои се двоумат да гласаат за помалите партии или пак нешто му забележале на ВМРО-ДПМНЕ во минатото. Најголемата сила и единствената сила за промени е ВМРО-ДПМНЕ. Тука сме обединети сите луѓе и секоја наша разлика што сме ја имале во минатото е помала од заедничката цел да успееме за Македонија. Затоа е потребно да се обединиме. И да не поддржите.
Македонија е нашата цел. И како што се пее во песната која ја пее народот оваа кампања
Може да те одречат,
други да те предадат,
можат сешто да измислат.
Само ти си бесмртна,
жива вода подземна,
кај што тонеш ти Македонијо извираш.
Заедно ќе го напишеме следното поглавје од приказната за Македонија!
Заедно ќе победиме!
Да ја создадеме надежта. Таа е најважна, и таа произлегува од борбата со проблемите и секојдневието која сите ние ја имаме. Јас имам надеж, јас верувам во вас, во вашата сила, во нашата заедничка сила да направиме подобро, да направиме нешто, да оставиме трага со која сите ние ова генерација ќе се гордееме. Да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да ја градиме и да ја сакаме нашата Македонија.
За жал, тоа што ќе го наследиме се руините кои оваа влада на ДУИ и нивните измеќари од СДСМ ќе ни ги остават. Врз тие руини на институциите кои ги срушија да ја издигнеме новата република гордо и достоинствено. И можеби работите ви изгледаат невозможно како далечен сон или мрачни денес, но држејќи се за надежта и вербата во нас самите утрешнината ќе биде светла. Доаѓа ново утро, нова енергија.
Драги пријатели браќа и сестри.
Дојде време уште еднаш да се слушне нашиот глас.
Кога сонцето изгрева на денот на изборите, имаме свечена должност и света привилегија: да го дадеме својот глас и да го обликуваме текот на судбината на Македонија.
Во овој клучен момент, да ја потврдиме нашата посветеност на демократијата, на слободата и на вредностите кои не обединуваат како народ.
Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени.
Заедно надминавме безброј предизвици, преживеавме бури и напредувавме со непоколеблива решителност.
И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност.
Пријатели, браќа и сестри,
Нашата победа е на дофат. Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре.
Мора да дејствуваме.
Мора да се мобилизираме.
Мора да гласаме.
За да немаат можност да никогаш да ја уценуваат Македонија, македонскиот народ, граѓаните
Ве повикувам да излезете на избори гордо и одлучно.
Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места, обединети за да може нашите гласови најсилно да оддекнат низ сите краишта на Македонија.
Заедно ќе изградиме иднина достојна за нашите аспирации.
Заедно ќе го напишеме следното поглавје од приказната за Македонија.
Заедно ќе победиме.
Гордана Силјановска Давкова претседател на Македонија, Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ идна влада на Македонија!
Да сте ми живи и здрави, од Бога благолсовени!
Од Бога благословен Прилеп!
И Бог да ни ја благослови Македонија.