Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од митингот во Штип испрати и порака дека во изминатите 15 месеци како Влада имаат дадено се да ја нормализираат државата и да помогнат на многу граѓани, бидејќи затекнале темели кои се разрушени, како и доверба која е ниска во системот, кој пак е расипан и нефункционален на многу нивоа. Мицкоски вели дека и во едни такви услови постигнуваат резултати како Влада и како што рече „човек вреди онолку колку работи и колку дава резултати“.

Забележа дека за време на кампањата на Парламентарните избори имале три фундаментални ветувања, меѓу кои линеарното зголемување на пензиите, кое е веќе реализирано. Второто фундаментално ветување дека годишно од централниот буџет ќе реализираат до 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.

-Само во првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа потпишавме со општините договори во вредност од 350 милиони евра и ако на тоа се надолнат Програмите, коишто посебни ресори ги имаат во општините, преку Министерствата за образование, транспорт, култура, спорт, земјоделие, животна средина итн., доаѓаме до фантастични половина милијарда евра, 500 милиони евра средства од централниот буџет за општините, за капитални инвестиции. Тоа не го направила, ниту една Влада во независна Македонија, во целиот свој мандат, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека и покрај затекнатиот потрошен буџет и држава пред банкрот и уништените темели на државноста сепак како Влада се реорганизираше и не очајуваше и работеше да ги обезбеди овие средства за општините.

-И третата фундаментална работа, којашто ја ветивме за време на кампањата во 2024 година беше дека ова криминално раководство на ДУИ предводена од Али Ахмети ќе биде во опозиција и тие се во опозиција и уште долго време ќе останат во опозиција, бидејќи како што гледам и слушам не ја научиле лекцијата, вели Мицкоски.

Тој пред штипјани истакна дека во 2024 година постигнато е историско највисоко ниво директни странски инвестиции од една милијарда 255 милиони евра, некои завршија и во Штип, со што како што вели Мицкоски Македонија стана повторно лидер во регионот.

-Една од трите земји во Европа ќе потенцирам по глава на жител, за да не бидеме погрешно толкувани од оние наши злонамерни политички противници. Градеа кампања дека сме ги задолжиле неродените генерации. Градеа кампања на тоа дека сме ја задолжиле Македонија за дополнителни седум милијарди евра. Но, овие незнајковци од опозицијата треба навистина да учат како се води економија и макроекономија и за прв пат после седум години јавниот долг на државата е намален за 4,7% од Бруто домашниот производ (БДП). Тоа е нешто што досега седум години по ред не се случуваше. Истовремено ја вративме обврзницата, којашто претходната Влада ја зема во 2018 година во вредност од половина милијарда евра, 500 милиони евра вративме на 19 јануари 2025 година. Но, на непријатните изненадувања тука не им е крајот, бидејќи следната година веќе во април во 2026 година треба да вратиме нови 700 милиони евра, коишто ги зема претходната Влада, вели Мицкоски.

Тој додаде дека опозицијата со каков збор говори за „Твој дом“ праша дали станува збор за хациендата на Халкидики, или пак хациендата во Дубаи или пак скапите јахти со кои крстарат. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека изминатите 15 месеци се пуштени неколку делници низ државата Страцин-Ранковце-Крива Паланка, како и двете делници од експресниот пат кој го поврзува Градско со Прилеп, потоа регионалниот пат Охрид-Конско-Свети Наум, а интензивирана е работата на автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, како и на автопатот Кичево-Охрид, од кои 33 километри се пуштени во употреба, а доколку со оваа динамика се работи се очекува во првиот квартал од 2027 година да се пушти и целосно делницата од Кичево до Охрид. Воведени се 11 авиолинии на двата аеродроми во земјата, доделени се и 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија. Мицкоски додаде дека како Влада имаат постигнато и историски договори со синдикатите во образование и здравството, со коишто платите во следните четири години, а започнаа минатата година ќе пораснат до 50%, а на вработените во МВР им се зголемени платите за 10%. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски потенцираше дека изминатите четири години градоначалниците од оваа партија имаат изградено улици, булевари во должина од 770 километри, со вкупна вредност од 100 милиони евра, потоа изградени се 47 километри водоводи, 91 километар канализации, како и седум пазари од затворен тип, 12 пречистителни станици.

Мицкоски во својот говор пред штипјани порача дека Иван Јорданов покажа и докажа како се работи за својот град, како пожртвувано, чесно и посветено се работи за својата општина, за секое едно семејство во Штип, за секој којшто сака да остане дома и да ја гради иднината на своето семејство.

-Иван е борец и голем патриот, и затоа ја има мојата лична поддршка и поддршката на владата. До сега направивме многу за Штип, понатаму продолжуваме да градиме уште многу заеднички проекти. Ве повикувам на 19-ти Октомври масовно да излезете и да заокружите број 9 за кандидатот за градоначалник, Иван Јорданов и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, подвлече Мицкоски на вечерашниот централен митинг на ВМРО ДПМНЕ во Штип.

МИА