Оваа глетка, којашто вечерва е пред мене е импресивна и од она што можам да го видам овде во Штип имам само еден заклучок – Иван го продолжува својот мандат како градоначалник во Штип, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Штип, каде што беа промовирани кандидатот за градоначалник Иван Јорданов и советничката листа.

Тој посочи дека повторно сме пред избори на коишто се одлучува за заедничката иднина.

– А, вие добро знаете да направите разлика меѓу оние кои со трикови, измами и подземни коалиции сакаат да ја добијат вашата доверба и ние коишто постојано сме со вас. Никогаш не ве излажавме, единствено цврсто, што може да ви ветиме е само посветена работа. Навистина ми е жал што црната кампања стана единствената понуда на нашите политички противници, вели Мицкоски.

Тој додаде дека опозицијата наместо да даде идеи, нуди омраза, наместо визија нуди поделби, наместо конкретни решенија нуди навреди и закани.

– Со месеци го трујат јавниот простор со лаги, етикети и деструкција, создавајќи атмосфера во која политиката се сведува на пазарење со омраза, а не на натпревар на идеи. Едниот претседателот на СДСМ, Венко Филипче наместо да зборува за својата одговорност во здравството, секоја вечер од говорницата се претвора во гласен критичар, без аргументи, како коментатор од трибина, кој повеќе навива, отколку што нуди какво било решение. Вториот, претседателот на ДУИ, Али Ахмети упорно живее во своите спомени. Држи историски лекции, говори за минатото додека сегашноста и иднината му се полни со криминал и корупција, за третиот Димче Апасиев со својата вулгарна реторика и стил само ја надополнува оваа мрачна тријада, оска на минатото што ја влече Македонија назад, рече Мицкоски.

Посочи дека овие тројца политички пријатели и актери не нудат надеж, иднина и дека имаат каков било план. Тој се осврна и на проектите што се реализираа, како и на помошта што централната власт им ја дава на општините.